Најголемото скопско маало - богатите фамилии и најубавите куќи (фото)

Пајко Маало било најголемото и најпознатото маало во Скопје, кое се простирало меѓу реката Вардар од една страна и покриената чаршија и Карадаг Маало од другата страна. Во состав на ова маало спаѓало и Егидпашино Маало кое било поголемо. Во периодот помеѓу двете светски војни во ова маало се наоѓале најубавите улици и куќи во кои живееле старите скопски фамилии и богатите граѓани на Скопје. 

На улицата „Патријарх Варнава“, која пред Балканските војни се нарекувала „Димче Хаџи Зафир Сокаки“, се наоѓала најстарата куќа во тој дел на градот, изградена пред 120 години. Куќата зафаќала површина од 500 квадратни метри со двор покриен со плочи. Оваа и други куќи од постар тип биле ориентирани кон север и тоа поради јакото, речиси тропско сонце. Куќата била сопственост на Ана Хаџи Зафировиќ, која ја добила како подарок од својот покоен татко Паша Петре. 

Постоеле и други стари куќи, како на пример, куќата на Поп Николиќ, Поп Теодосиќ и други. Околу Соборната црква „Света Богородица“ во Пајко Маало живееле многу угледни скопски фамилии. Меѓу нив се истакнувале Трпчановци, Рибареви, Попанкови, Китинчеви, Крангови, Јаневи, Кондовци, Стојанови (Ч'крови).

Фамилијата Стојанови во Скопје се доселила во првата половина на 19 век и е една од постарите во градот. Во село Сопот - Кумановско, живеело семејството на Стојан Стојановски со сопругата Кипра. Причина за нивното иселување од селото биле турските зулуми. Стојан се доселил во Скопје, во Пајко Маало. Со оформување на свои семејства сите негови синови изградиле свои домови во Скопје, а некои и се иселиле. Синот на Димитрија, Пане, изградил куќа во Пајко Маало со голем двор покрај Вардар. Куќата била направена од тврд материјал, на два ката со визба и тавански простории. Во тоа време во градот немало електрично осветлување и водовод. Куќите се осветлувале со фенери, ламби на петролеј, а со вода се снабдувале преку бунари. Клозетите се правеле во дворот, што подалеку од куќата, со голема септичка јама. По завршувањето на Првата светска војна, Скопје почнува да се електрифицира и да се воведува водовод. И Пане вовел електрично осветление и водовод. Петар и Атанас, исто така, изградиле свој дом во месноста Идадија, а Илија за своето семејство изградил дом во Солун, бидејќи таму живеел и работел. Скопјанецот Панко Димитров, кој по професија бил поп, во почетокот на 20 век се оженил со Марија од село Кучевиште. Панко и Марија имале 10 деца. Живееле во Пајко Маало, а имале и друга куќа до Стара нова бања, која ја издавале. Едното од децата, Благоја Поп Панков, ги завршил студиите во Белград на Економскиот факултет. Кога се вратил во Скопје работел како адвокатски помошник кај неколку адвокати. Тогаш се запознал со својата идна сопруга Катерина. Благоја и Катерина живееле во Пајко Маало, во семејната куќа на Поп Панкови. Куќата била со приземје и кат. Приземјето го издавале, а на катот живееле. На нивниот кат мало 4 соби: спална, детска, дневна соба и библиотека со пијано. Кујната била најголема одделена просторија. Ѕидовите ги краселе уметнички слики, кои Благоја со задоволство ги купувал од македонските уметници. 

Во истото маало живееле и познатите кожари Рибареви. Куќата на Рибареви се наоѓала веднаш до Соборната црква „Св. Богородица“, а имала приземје и кат со мансарда на покривот. Особено интересни за оваа куќа биле античките (јонски) столбови на влезот. 

Семејството Чохаџиќ живеело во близина на Скопската митрополија, каде што се наоѓал и Санаториумот Чохаџиќ. Куќата била изградена во 1938 година со висок сутерен, спални соби на кат и таван со две соби. Куќата имала етажно греење, водовод и канализација и бања во состав на куќата. 

Стојко Стојановиќ со својата фамилија живеел во стара куќа покрај Вардар која ја купиле од турски бег за 1.000 лири. Од страната кон кејот имало слепи ѕидови, а влезот бил од северната страна, кон чаршијата. Се влегувало од голема дрвена врата со мермерни плочи. Од левата страна воделе скали за на катот, а од десната имало спореден влез кој водел директно во кујната. Ова овозможило еден дел од куќата да го издаваат под кирија. Во 1926 година кога работата почнала да напредува, Стојко решил да изгради нова куќа. Изведувач на градбата бил Исаило Николиќ од Галичник. Куќата, составена од три ката, два дуќана и мансарда, со инсталирано парно греење чинела 800.000 динари. Проектот на куќата го направил Артемушкин, а мебелот во длабока резба бил направен по порачка во Дебар. 

Истакнати жители на Пајко Маало биле и фамилијата Кранго. Нивната куќа била голема, со 16 простории, имала водовод кој работел на принцип на секојдневно пумпање од пумпа која се наоѓала во визбата. За пумпањето биле изнајмувани Цигани. 

Братството Кратовалија (Јован) се доселило во Скопје од кратовското село Шлегово уште во 18 век. Кратовалиеви имале куќа на „Васинова улица“ бр.13 во Пајко Маало, на чија локација денес се наоѓаат адвокатските канцеларии и Народната универзитетска библиотека „Климент Охридски“. Куќата била голема, на кат, со по три одаи за спиење и по една поголема гостинска одаја во приземјето и на катот. Гостинските одаи секогаш биле уредени и отворени, но децата не влегувале таму без потреба. Во спалната одаја на родителите имало железен кревет со душек од волна или од памук. Одозгора душекот се покривал со чаршафи, најчесто од чипка. Сите текстилни предмети во домаќинството за секојдневна употреба, од навлаките за перници до чипканите чаршафи и килимите, рачно, на хоризонтален разбој ги изработувале жените во семејството. 

Во Пајко Маало живеела и фамилијата Петрови, едни од првите сопственици на бензинска пумпа во Скопје. Михо Петров е роден во Скопје во 1920 година. Татко му, Александар Петров, бил најстаро од деветте деца во неговата фамилија (шест браќа и три сестри). Александар живеел во Пајко Маало, веднаш спроти меѓуградската автобуска станица во куќа која ја купил неговиот татко од некој Турчин. Како се зголемувала фамилијата, така ја проширувале и куќата, додавајќи соби. Не била наместена со многу луксузен мебел, на подот имало мутави. Таткото на Александар отворил бакалница во близина на куќата, во која се продавала колонијална стока набавена исклучиво од Македонија. Александар, кој продолжил да се грижи за своите браќа и сестри, продолжил со отворање нови дуќани за нив. До 30-тите години Петрови имале пет дуќани: еден во Пајко Маало, два на улица „Серава“, еден во Железничка колонија над кој имале и стан за живеење. Двата дуќана на „Серава“ во Чаршијата биле бензински пумпи.