Најдобриот рецепт за еклери со крем од ванила

Обожавате еклери? А дали знаете дека името на познатите еклери доаѓа од францускиот збор éclair што во превод значи молња, а најверојатно го добиле по тоа што се јадат многу брзо. Популарни се ширум светот, а потекуваат од 19-ти век.

Карактеристично за еклерите е тоа што се прават од тесто полно со шуплини како и за профитеролите, најчесто се полнети се со фил од ванила, кафе или чоколадо, а од горната страна се прелиени со чоколаден прелив или шлаг. Па, ако сакате да се почестите или пак да ги израдувате вашите најблиски со вкусен десерт, еве едноставен начин да направите еклери.

Состојки:

  • 1/2 шолја масло
  • 1 шолја вода
  • 1 шолја брашно
  • 1 пакетче прашок за печиво
  • 4 јајца.

За фил:

  • 1/2 литар млеко
  • 6 лажици шеќер
  • 2 ќесички прашок за пудинг од ванила
  • 125 гр путер + 2 лажици шеќер во прав.

*Забелешка: шолјата е од 250 мл.

Подготовка:

  1. Ставете ги маслото и водата во сад на оган, да зовријат. Кога течноста ќе зоврие оставете го садот да врие уште 2 минути.
  2. Во зовриената течност додавајте го брашното и енергично мешајте додека се формира компактна смеса. Тргнете го садот од оган, додајте го прашокот за печивото и оставете смесата потполно да се излади.
  3. Во изладената смеса миксирајте ги јајцата, така што ќе ги додавате едно по едно. Потоа од смесата формирајте еклери, врз тава обложена со хартија за печење. Формите може да ги направите на два начини: прво, со помош на лажица ставате по 2 купчиња едно до друго и одозгора ги израмнувате многу малку да добијат облик или користете шприц за тулумби.
  4. Најважно при подготовката на еклери е начинот на печење. Тавата со еклерите ставете ја во загреана рерна да се пече на 250 степени за време од 10 минути, потоа намалете ја температурата на 150 степени и печете уште 20 мин. Додека се печат еклерите рерната не смее да се отвора, особено барем најмалку првите 20 минути. Печените еклери се вадат од рерната и се оставаат да се изладат.
  5. Во меѓувреме припремете го филот. Во тенџере на оган ставете ги млекото и шеќерот да се варат.
  6. Во друг сад го ставаме прашокот за пудинг и додаваме 100 мл млеко. Пудингот го матиме со жица за матење. Во зовреното млеко, го дадаваме разматениот пудинг и вариме крем. Кога кремот ќе ја постигни посакуваната густина, го оставаме да се излади. Путерот го ставаме во сад за матење и го миксираме со шеќерот во прав.
  7. Во изладениот пудинг го додаваме претходно изматениот путер и повторно матиме за да се добие хомогена смеса.
  8. Еклерите се засекуваат и се филоваат со кремот. Одозгора можи да ги прелиете со чоколаден прелив, подготвен од путер, малку шеќер, какао и млеко, а по желба можи да додадете и чоколадо за готвење. На здравје!