Најдобри природни лекови за најсериозните проблеми

Здравата и урамнотежена исхрана е еден од најважните фактори за добро здравје, а со правилен избор на намирниците можете да спречите цела низа на болести. Наместо да посегнувате по таблети секогаш кога нешто ќе ве заболи, пробајте ги природните лекови – здрави намирници кои лечат мамурлак, главоболки, камења во бубрезите, па се до ПМС.

Мамурлакот спречете го со аспарагус

Овој супер зеленчук содржи ензими кои одлично го разградуваат алкохолот што е добро да се знае, особено ако сте претерале со пијалокот. Освен што помага во разградувањето на алкохолот, аспарагусот ги намалува и пропратните мачнини. Секако дека најдобриот лек против мамурлакот е избегнувањето на алкохолот, но ова е тешко да се изведе. Затоа, ако планирате некое излегување, и знаете дека ќе се пие, претходно направете си оброк со аспарагус. Освен што ќе бидете сити, па желудникот полн со храна ќе ја успори апсорпцијата на алкохолот, истовремено ќе ги намалите и последиците од пиењето, односно ќе го избегнете мамурлакот следното утро.

Со лимонада во борба против камења во бубрезите

Според податоците објавени од страна на Американскиот центар за контрола и заштита од болести, појавата на камења во бубрезите е се почеста, а бројот на луѓе кои страдаат од оваа болест двојно се има зголемено во последните 13 години. Според лекарите, еден од најдобрите природни лекови за оваа болест е токму лимонадата. Сокот од лимон има поголема количина на цитрати од бил0 кое друго цитрусно овошје, па успешно го растопува наталожениот калциум кој предизвикува појава на камења во бубрезите.

Спречете ја депресијата со кафе

Научниците од Харвард минатата година објавија студија со која се потврдува дека жените кои дневно пијат по 4 шолјички кафе имаат 20 проценти помалку шанси да заболат од депресија. Според лекарите, кофеинот може да го заштити мозокот од одредени невротоксини кои можат да доведат до појава на депресија.

Со јогурт против настинки

Во екот на сезоната на настинки и грип, започнете да си го зголемувате имунитетот со тоа што секој ден ќе испиете по една шолја јогурт богат со пробиотици. Добрите бактерии кои се наоѓаат во јогуртот не само што го зајакнуваат имунитетот, туку и за 42 проценти го намалуваат ризикот од инфекција на дишните патишта.

Спречете го дебелеењето со црно вино

Научниците утврдиле дека соединението наречено пицеатанола кое го има во црното вино го одложува, а во некои случаи дури и го спречува развојот на незрели масни ќелии во зрели масни ќелии. Ако баш и не сте љубител на црно вино, истото соединение може да се најде во семките и лушпата на зрната грозје и брусници.

Шипки против изгореници

Шипката е богат извор на елагична киселина која помага во заштитата на кожата од УВА и УВБ оштетувања на ќелиите. Меѓутоа, треба да имате во предвид дека доброто влијание на шипката е многу поефетивно ако истата се конзумира свежа, наместо во вид на сокови и додатоци во исхраната.

Ублажување на симптомите на ПМС со свинско месо и грашок

Грашокот и свинското месо се богати со тиамин и рибофлавин, витамини од групата Б кои можат да го спречат развојот на ПМС. Една студија покажала дека жените кои дневно внесуваат по 1,9 милиграми тиамин и 2,5 милиграми рибофлавин имале 25 до 35 проценти помалку шанси за развој на ПМС. За да ги избегнете симптомите на ПМС, доволно е во текот на тие неколку денови да јадете по 80 гр свинско месо и шолјичка грашок во еден оброк.