Најчести грешки што ги правите при одење на лекар

Долгото седење во задушливата чекалница умее да ги полуди и најдисциплинираните од нас, па кога ќе влеземе кај лекарот, се случува да се „изблокираме“ и да не го искористиме на вистински начин она малку време колку што лекарот може да ни го посвети.

Ова се најчестите грешки што ги правиме во присуство на „белиот мантил“, па имајте ги предвид следниот пат кога ќе се упатите во ординацијата.

На прашањето што не е во ред со нивното здравје, некои пациенти почнуваат да раскажуваат приказна од „праисторијата“, што не само што не е потребна, туку може да има и последици, во вид на губење на суштината и на изнесувањето на она што навистина е важно. Пред да влезете во ординацијата, обидете се во главата во неколку реченици да го објасните проблемот.

Добро е да дојдете подготвени, но лекарите советуваат да изберете три најбитни прашања, за тие да можат фокусирано да ви одговорат.

Без оглед на дипломата, лекарот не е семоќен. Можеби нема веднаш да знае што ви е, можеби ќе правите тестови што подоцна ќе се покажат како непотребни, но биле неопходни за да се исклучат одредени болести. Исто така, лекарот не може да размислува за сè, па кога ќе ви препише терапија, прашајте за нуспојавите ако земате уште некои лекови на кои тој заборавил. Активниот пристап со реалните очекувања ќе ви ги донесе најдобрите резултати при средбата со лекарот.