Надлежните немаат начин како да го решат проблемот со сообраќајниот метеж на регионалниот пат кај Петровец

Надлежните немаат начин како да го решат проблемот со сообраќајниот метеж на регионалниот пат кај Петровец. Свесни се дека дел од возачите ја користат таа делница за да ги избегнат патарините, но не можат да го ограничат движењето. Жителите од таа општина веќе еден месец протестираат и го блокираат патот, бидејќи велат дека метежот ја загрозува нивната безбедност.

-На надпатникот кај Петровец има забрана за возила потешки од 5 тони и тука сообраќајната полиција си го прави своето, си врши контрола. А сега некои несовни луѓе ако го употребуваат патот и го загрозуваат движењето.... Јас можам само да кажа дека за состојбата на патот, се што треба да се направи ќе направиме, и понатаму да се реконструира, да се обновува... Останатиот дел од Петровец е веќе голема општина и не знам како можеме да кажеме дека ќе го намалиме сообраќајниот метеж, вели директорот на Државни Патишта, Зоран Китанов.

Мештаните се жалат дека засега немаат добиено одговор на дописот со барања кој го доставиле до институциите. Китанов, пак, тврди дека ги видел барањата, но не кажа дали ќе бидат исполнети.

Според нив, загрозена е безбедноста на сите учесници во сообраќајот, но и на мештаните. Оваа делница често се користи кога возачите сакаат да ја избегнат патарината на автопатот.

Инаку, во моментов во тој регион се врши реконструкција на патот од селото Таор до Драчево, со што подобро ќе се поврзат Петровец и Кисела Вода.