Над 1.500 жени трчаа за промоција на спортот и здравиот живот

Повеќе од 1.500 жени, меѓу кои имаше рекреативни тркачи, мајки со бебиња во колички, професионални атлетичарки, жени со своите миленици, девојчиња и пензионерки, беа дел од денешната Авицена Женска трка што се одржа во Градскиот парк во Скопје. Стартот на трката беше кај Школка, од каде учесничките истрчаа два километра низ паркот.

Пред официјалниот старт на трката, учесничките половина час се загреваа со аеробик и одлична музика, водени од сертифицирани аеробик инструктори. По завршувањето на трката, пак, имаа дополнителни вежби за истегнување и за релаксација. Најдобрите три натпреварувачки во генералниот пласман добија награди, медали и дипломи, а награди имаше и за најдобрите три во неколку возрасни категории. Сите пријавени учеснички на трката добија подароци од спонзорите на настанот, а беше организирана и лотарија за сите учеснички.

Женската трка е дел од промотивните активности за најмасовниот спортски настан во Македонија, Скопскиот маратон, кој ќе се одржи на 7 мај. Целта на организирањето на Женската трка е да се популаризира трчањето како спортска активност меѓу жените и да им се предочат придобивките за нивното здравје од редовната рекреација и вежбање.