Национална и локална стратегија за подобрување на квалитетот на воздухот

Зголемена меѓусекторска соработка, интегриран период и што побрзо имплементирање на мерките од националниот план и локалните планови за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, обезбедување на одржлива национална мрежа за следење и опсервација на воздухот, основање на национална лабораторија која ќе се занимава со квалитетот на воздухот и потенцијалните загадувачи, како и зголемување на капацитетите на Министерството за животна средина и просторно планирање. 

Ова се само дел од мерките изнесени на завршната конференција на твининг проектот „Понатамошно зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на европското законодавство во областа на квалитетот на воздухот“. Министерот за животна средина и просторно планирање нагласи дека неговото министерство континуирано работи на имплементирање на мерки кои би придонеле за поквалитетен воздух. Меѓу другото тој кажа дека имале во план да и предложат на владата воведување на пар-непар систем за автомобилите во служба на државните институции, со цел користењето на истите да се сведе на 50% помалку од сега, со што според него, би се намалило загадувањето на воздухот од овој фактор.

-Во рамки на проектот беа зајакнати административните капацитети за спроведување и мониторинг на воздухот, се изготви инвентар на емисии на загадувачки супстанци на национално ниво, се подобри дисперзионото моделирање за оценка на квалитетот на амбиенталниот воздух и се спроведе кампања за дополнителни мерења со цел утврдување на моделите на извори. Изготвен е извештај за состојбата со квалитетот на возудхот во последните години, подобрена е функционалноста на порталот за квалитет на воздухот и изготвени се плански документи за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје и Тетово, рече Амети.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар изјави дека проблемот со загадувањето на воздухот е присутен во целата ЕУ, каде годишно предизвикува 400 000 смртни случаи.

– Загадувањето на воздухот е проблем низ цела ЕУ и наспроти одредени подобрувања годишно предизвикува 400 илјади смртни случаи. ЕУ става големо значење на квалитетот на воздухот во секоја земја и со овој проект на националните и локални институции им се овозможува подобрување на капацитетите за имплементирање на законодавство и мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, како и за зголемување на свеста на граѓаните, рече Жбогар.

Проектот „Понатамошно зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на европското законодавство во областа на квалитетот на воздухот“ е поддржан од Европската унија со буџет од 1,1 милион евра и имплементиран во периодот мај 2015 – јануари 2017 година.