НАБАВЕНИ ПРВИТЕ РЕКВИЗИТИ: Изградбата на новиот Луна парк во Скопје може да почне

Градот Скопје ги набави првите седум реквизити од идниот забавен парк, а веќе е склучен и договорот за изведба на градежниот дел од проектот. За купувањето на седумте реквизити се издвоени 130,4 милиони денари, односно над 2,1 милион евра. Склучените договори со фирмите „Боминг“ и „Ивама Траде“ од Скопје се во времетраење од шест месеци.

Инаку, пред половина година Градот одлучи новиот Луна парк да го гради струмичката фирма „Жикол“. Според објавениот договор, изградбата ќе чини околу 1,6 милиони евра, а во документот беше наведено дека изведувачот има обврска да ги заврши градежните зафати во рок од 22 месеци. 

Проектот предвидува новиот Луна парк да се простира на површина од околу 40.000 квадратни метри. Освен на постојниот простор, за новото забавно катче е предвиден и просторот во насока на каналите и езерцето во Градски парк. Паркот ќе го сочинуваат административни објекти, нови забавни реквизити за возење, во согласност со европските стандарди за безбедност, потоа објекти за служење храна и пијалаци, за продажба на сувенири, затворен дел за играње, паркинг... Проценето е дека новиот Луна парк годишно ќе има 200.000 посетители, најмногу семејства и деца до 15 години.