На врата пишува “забрането за лица под 18 години”, а малолетниците се повеќе се зависници од коцкањето

Со Закон, на лица под 18 години им е забранет влез во обложувалници, играчници и коцкарници.  Со Закон, на лица под 18 години им е забрането да им се прима уплата во уплатно-исплатните места. Вака гласат Законите, но прашањето е дали се почитуваат.

Во земјата цвета бизнисот со игри на среќа. Колку сиромаштијата е поголема толку повеќе расте бројот на обложувалници и казина, вака ја опишуваа ситуацијата, стручните лица.

Колку е поголема сиромаштијата толку повеќе луѓето се надеваат дека некои екстра пари можат да ги извлечат од калта. Коцкањето е зголемено кај нас. Имаме низок стандард и пренагласено коцкање.

Се повеќе луѓе од Македонија, покренуваат иницијатива за да не се отвораат толку многу места за коцкање, особено во централните подрачја или пак во близина на училиштата.

Праксата од ден на ден се повеќе покажува дека и малолетниците, децата во Македонија стануваа зависници од коцкањето.

Иако на вратите стои дека е забранет влез за малолетниците, сепак се уште нема некој кој го контролира тоа. Во спортски обложувалници или пак казина, децата стануваат секојдневие, сметајќи дека на лесен и брз начин ќе дојдат до голема сума на пари. Некои деца овие навики ги добиваат од своите родители, а некои од постарите другари, или пак останатат околина.

Калина Коси на својот Фејсбук профил, исто така реагира во врска со оваа тема, за малолетниците во обложувалниците и го споделува, она што таа можела да го забележи.

На вратата од спортска обложувалница залепена етикета „Забранет влез за лица помлади од 18 години“. Не сум забележала до сега или не сум загледала. Најверојатно така мораат по закон. Фино, си помислив. Сум чула дека и покер апарати ставале внатре, вака ги штитат децата. Во истиот момент вратата се отвара и од неа излегуваат три деца на 12-13 годишна возраст, едното од нив лично го знам од маало, со ливчиња во рака. Нешто зборат, кец у кец, ќе ја штитам... не ги разбирам. Татко им да не ги пратил да уплатат ливче? Си помислив на секунда, кога едниот од нив рече „Ќе частиш брат, ќе видиш!“

Фино, си помислив. Мораат по закон да залепат етикета на врата, ама не мораат да го почитуваат тоа што го пишува на етикетата. Про форма. Ништо чудно. Не се изненадив. Веќе ништо не ме изненадува. Живееме во држава во која законите комотно можат да почнат да ги редат по вецињата наместо тоалетна хартија. Ни децата веќе не ни се свети! Преку нивен грб се богатат и трљаат раце! До таму сме стигнати!