На старите и хаварисани возила местото им е во отпад или во гаража, а не на паркинг

На старите и хаварисани возила местото им е во отпад или во гаража, а не на паркинг, каде што зафаќаат место, или на некоја јавна површина, реагираат граѓаните. 

Автомобили што се застарени или оштетени од некоја сообраќајка, но и камиони и автобуси што веќе не се користат може да се забележат на неколку локации низ градот, најчесто на паркинзи. Реакциите на дел од граѓаните се дека и така во некои делови од Скопје има проблем со паркинг-местата, па сопствениците или градските и општинските власти треба да се погрижат за отстранување на хаварисаните возила.

- Мислам дека самите сопственици треба да бидат доволно свесни и разумни и да ги подигнат возилата што и така не ги употребуваат. Нека ги сместат во своите гаражи или нека ги однесат во отпад - вели жител од Карпош, за каде што посочува дека видел стари или оштетени возила на неколку локации, во изјава за Нова Македонија.

Други, пак, реагираат дека слики од хаварисани возила секојдневно гледаат и пред своите влезови.
- Живеам во зграда во која нема приватен и затворен паркинг, па возилата ги оставаме на паркинзите околу зградата. Веќе две години, на дваесетина метри од самиот влез, има паркирано возило што не се користи. Оставено е со издишани гуми и никој не го преместува - вели скопјанец.

Надлежноста во вакви случаи е на општините на чија површина се наоѓаат хаварисани возила, посочија од градот Скопје, велејќи дека тие немаат ингеренции по ова прашање.
- Надлежноста за отстранување на хаварисаните возила е на општините и за нивното отстранување од јавните површини се грижат општинските комунални инспекторати - велат од градот за Нова Македонија.

За територијата на Карпош, како што изјавија, била донесена одлука за справување со хаварисаните возила, но дека мора да биде испочитувана целата правна процедура.

- Треба да се избере лиценцирана фирма што се занимава со отстранување хаварисани возила, потоа тие возила треба да се дислоцираат на плац наменет за складирање таков тип возила. На крајот, најголема пречка е тоа што сѐ уште не постои начин нашите инспектори да потврдат дека некое возило е хаварисано - објаснуваат од општината.

 

Извор: новамакедонија.мк