На шопинг кај соседите: IKEA, LIDL, H&M..Македонците ги посакуваат, но тие не заобиколуваат

IKEA и LIDL во Србија, Бугарија и Грција имаат и по неколку продавници во повеќе градови, но не и во Македонија.

Причина е мал пазар со ограничена куповна моќ. Носењето на бренд бара голема инвестиција, околу еден милион евра само за почеток, а приходите се ограничени и би биле многу помали во споредба со поразвиените држави, Македонија не е интересна за големите синџири – премногу сме мали и сиромашни за да се најдеме на нивната мапа. Искуствата на оние кои се веќе присутни не се многу позитивни, коментираат сопствениците на мали бутици.

Германскиот малопродажен ланец Лидл пред месец официјално го купи земјиштето во Белград каде планира да ги гради новите супермаркети. Покрај во Белград Лидл маркети ќе се градат во внатрешноста на Србија, односно во Ваљево, Суботица, Нови Сад, Зрењанин, Ниш и Смедерево. Веќе се најавува и конкурсот за вработување во Лидл кој ќе овозможи отварање нови работни места. Услов за изградба на маркет на Лидл за Србија е локацијата да биде на фреквентно место , со одлична видливост и сообраќајна поврзаност. Супермаркетите на Лидл во просек имаат по 1000 м2, со дополнителни 200-650 м2 магацински и помошни објекти и задолжителен паркинг простор.

Воедно, Владислав Лалиќ, директорот на секторот за недвижности и развој на ИКЕА во југоисточна Европа, изјави дека засега нема планови за отворање на продажни објекти на шведската компанија во регионот, но дека тоа не значи дека тие не се заинтересирани за земјите како Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

-Ние кога влегуваме во еден пазар, правиме доста сложена демографска, економска, макроекономска анализа, доста параметри земаме предвид и на основа на тоа носиме одлука. Со оглед на тоа дека и организациски имаме многу работа во врска со отворањето на продажни објекти во овој дел од Европа, мораме тоа да го правиме на добар начин. Тоа не значи дека ние не сме заинтересирани за Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и така натаму, но се уште не се исполнети условите за да можеме да кажеме нешто поконкретно - вели Лалиќ.

Според него, присутноста на ИКЕА во земјите од југоисточна Европа е многу важна бидејќи кога една компанија ќе дојде во регионот, се подобруваат шансите таа да се прошири и во соседните земји. 

Сепак, состојбата кај нас полека се менува – пред пет години дојде групацијата Inditex со своите Zara, Bershka, Pull&bear, Massimo Duti и Stradivarius.

Од друга страна пред неколку години синџирот на маркети Carrefour се повлече од Македонија, а зад себе остави и долгови кон добавувачите. Засега нема најава за влез на некој од големите европски и регионални играчи кои би им конкурирале на Ramstore, Tinex, Vero…