На крстосницата кај Мавровка за еден ден поминале 180.000 автомобили

Македонската престолнина во која повеќето од половината регистирани автомобили во државава 517.023, гравитираат во метрополата катадневно, може да се пофали дека е единствената во регионов која располага современ технолошки Центар за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС). Ова одделение на ЈП за Улица и патишта врши мониторинг на состојбата на сообраќајот на улиците во Скопје и со помош на врвната технологија го расчистува сообраќајниот метеж, кој се создава по улиците и раскрсниците во зависност од приливот на возилата.

Ова одделение сместено во „Транспортниот центар“ функционира 24 часа на ден од 2013 година. Со помош на технологијата сообраќајните проблеми ги расчистуваат шестмина сообраќајни инжинери и четворица и ИТ-инжинери, кои во две смени се редовно пред големите тв-екрани и во секој момент набљудуваат што се случува по скопските улици. Човечкиот потенцијал е на располагање од 6 часот наутро па до 22 часот, додека технологијата во текот на ноќните часови самата ги архивира случувањата и евентуалните проблеми,  кои први се решаваат на почетокот од новиот ден.

-ЦУКС има контрола и можност за менаџирање со 92 семафоризирани крстосници, од кои на 45 има поставено и видео надзор. За меѓусебно поврзување на крстосниците, како и нивната конекција со ЦУКС поставена е оптичка мрежа која овозможува пренос на податоци до Центарот и обратно. Со овој Центар се воведува и адаптивна контрола на сообраќајот. Адаптивната контрола функционира преку инсталирани индуктивни јамки на секоја крстосница во сообраќајните ленти, од каде се прибираат податоците за бројот на возилата кои што преминуваат во сите насоки на движење. Овие информации преку интелигентен софтвер за адптивна контрола претходно подесен според статистички параметри ги комбинира динамичките параметри и креира стартегија за однесување  на светлосните сигнали на крстосниците. Во зависност од бројот на возилата кои наидуваат на крстосницата го одредува времетрањето на зеленото светло и тоа искористување е максимално – вели Христо Нанчев, супервизор при одделението на ЦУКС во разговор за 24инфо.

- Само пред десетина дена на раскрсницата кај „Мавровка“ во текот на 24-часовниот надзор евидентирано беше дека поминале рекордни 180.000 возила. Сето тоа е реализирано без поголемо закрчувања со помош на технологијата која ни е на располагање. Инаку во текот на денот просечно на влез и излез во Скопје кај „Алкалоид“ се пребројуваат околу 70.000 автомобили, кои потоа вршат притисок на раскрсниците кон и во централното градското подрачје, открива Нанчев.