На кој начин да заштедите и до 5.000 денари на сметки?

Ако избере банка која наплаќа најниски провизии, семејство кое во просек плаќа 7 сметки месечно, на годишно ниво може да заштеди околу 5.000 денари. 

Плаќањето сметки во банка на годишно ниво може да ве чини и до 100 евра, кои незабележително банките ви ги наплаќаат како провизии. Ако едно семејство плаќа струја, вода, 2 сметки за телефон, интернет, кабелска, градинка, тоа се минимум 7 уплати за кои банката ќе ви наплати од 30 до 70 денари за секоја од нив. Значи, на овие уплати банките ќе ви наплатат од 2.520 до 5.880 денари годишно на име провизија.

Ако водите грижа за тоа каде ќе ги плаќате сметките, на годишно ниво може да ги заштедите овие пари. Според тарифниците на банките, провизијата е најчесто 1% од износот на сметката, но постои и минимална граница за провизија, а тоа се цифрите од 30 до 70 денари, без оглед што тоа е повеќе од 1% од сумата која ја плаќате. Колку ви се повисоки сметките, толку повисоки се и провизиите.

На решавање на овој проблем се работи со промовирање на електронското плаќање, бидејќи банките кои имаат електронско банкарство за овие услуги наплаќаат значајно помали провизии. Постои и можност за давање траен налог на банката да ги плаќа сите ваши месечни обврски. Во овој случај банката наплаќа многу помали провизии од провизиите кои ги плаќате за секоја уплата поединечно.