На кафе со Владимир Чадиковски

д-р Владимир Чадиковски, специјалист по детска хирургија, супспецијалист по детска кардиохирургија

Една од ретките светли точки на нашето здравство. Првиот детски кардиохирург во земјата. Доктор обожуван од малите пациенти и нивните родители. Посветен на својата професија, харизматичен и полн со позитивна енергија.

Како го започнувате денот? Со кого го пиете првото кафе?

Се будам рано и во работните денови од неделата прво што правам е проверката на распоредот кој ме очекува на работа, посебно ако станува збор за оперативен ден. Следува подготовка за на работа и задолжително гушкање со мојот син. Првото кафе сега го пијам заедно со колегите на новото работно место во Аџибадем Систина, детално планирајќи ги дневните активности. 

Која е вашата асоцијација на скопско утро?

Прва асоцијација верувам за многумина така и за мене, секогаш е сообраќајниот метеж и нервозните возачи, а потоа  традиционалната гужва во локалите каде што со колеги, пријатели, соработници се пие утринско кафе.

Во кој период од годината Скопје Ви мами најмногу насмевки?

Порано кога на пролет мирисаше на липи, мирис кој за жал повеќе не го чувствуваме. Ги сакам зимите во Скопје, посебно кога ќе падне првиот снег, празните снежни улици и растрчаните весели дечиња. Првиот снежен ден секогаш е исполнет со некоја необична магија и многу спокој.

Викендите во Скопје се посебни затоа што...

Утрата во викендите се резервирани за мојот син, Виктор. Нашите прошетки и игри најчесто на Водно, кои и тоа како ме исполнуваат со позитивна енергија. Поради карактерот на мојата работа која често бара и долги отсуства од дома, а во изминатиот период и трансферот на новото работно место, сопругата и Виктор се оние кои најмногу трпат и најмалку ме гледаат, па затоа сега секој слободен момент го користам за прошетка со нив, а неретко се случува и кога тоа го дозволуваат околностите да заминеме надвор од градот за време на викендите.

Посебни се секако, иако ретки и  дружбите со пријателите во “нашите” скопски локали, во кои години наназад сме традиционални гости.

На Скопје му недостасува…

Повеќе зелени површини и места за спорт и рекреација. Страшно многу сообраќајна култура и повеќе насмеани лица.

Скопје во само три зборови…

Може во двa… Старо Скопје :)