На кафе со Виктор Камнар

Доктор Виктор Камнар, целосно посветен на грижата за своите пациенти. Скопјанец кој градот го обожава во пролет и рана есен.

Какви се утрата на доктор Виктор Камнар? Дали имате некои утрински ритуали?

Имам еден скриен риутал ако може да се каже како ритуал. Имено, секое утре пристигнувам половина час порано на работното место, и пред да почне колегиумот, гужвите во ходниците, заедно со утринското кафе го организирам денот. Тие половина час на тишина и мир ми се еден вид на подготовка на долгиот и напорен ден којшто редовно ме чека.

Која е вашата асоцијација на скопско утро?

Сакам да станувам рано, без разлика дали е викенд или работен ден. Уживам во раните утрински часови, кога улиците на Скопје се се уште празни и тишината од ноќта се уште си нема целосно отидена.  Најчесто тие утрински часови ќе ги искористам за прошетка покрај кеј, каде што уживам во будењето на новиот ден.

Во кој период од годината Скопје Ви мами најмногу насмевки?

Го сакам Скопје, во пролет и во раната есен, кога жолтите лисја ќе ги постелат улиците, а сонцето срамежливо ќе се протнува низ соголените дрвја. Не сакам топло време, и можеби затоа најмногу се пронаѓам во овие периоди.

Ваша омилена скопска викенд локација?

Немам некоја омилена скопска викенд локација. Секаде ми е убаво, ако е поминато со добро друштво и смеа.

На Скопје му недостасува…

Не би можел да кажам што му недостасува на Скопје. Најчесто чашата ја гледам половина полна, а не половина празна...како што е изреката. Така, што најчесто гледам да уживам и да прифаќам тоа што градот го нуди, а не да се сконцентрирам на недостатоците. А недостатоци секаде и секој има.

Скопје во само три зборови…

Мојот роден град

За крај, кои се најголемите предизвици со кои се соочувате како раководител на Клиниката за Ортопедски болести?

Пред се јас сум доктор, којшто мојот живот го имам целосно посветено на тој повик. Така, што предизвиците пред се ги гледам како доктор и човек. Како доктор предизвикот го гледам во навремено и правилно лекување на пациентите, во успешен и доверлив однос со пациентите, во прилагодување на нашата работа во различни услови и околности.... Како доктор, најголем предизвик ми е успехот кај секој пациент, млад или стар, а како човек, го гледам во подадената рака на пациентот и изградената доверба. Тука лежат предизвиците со коишто ние докторите секојдневно се соочуваме.