На кафе со Тина Мицковска

Портпарол на скопската Зоолошка градина. Голем љубител на животните и еден од главните “борци” за почитување на ЗОО правилата и правилно однесување кон животните од страна на посетителите.

Дали имате некои утрински ритуали? Со кого го пиете првото кафе?

Ако под утрински ритуал се подразбира хранење и играње со мачките и кучето, тогаш да. Првото кафе пак е резервирано за пиење со некои од  другите крзнени пријатели на моето работно место во Скопје З00.

Какви се утрата во скопската Зоолошка, посебно оние моменти пред да се отворат портите за посетителите?

Тоа се најубавите утра. Животните се будат веднаш штом се раздени, па тогаш имаат свои утрински ритуали во кои уживаат и тие, а и ние. Може да се слушне песната на сијаманзите, на која се приклучуваат гибоните, птиците... Бебињата животни тогаш се најактивни и барем неколку часа имам чувство дека сум во природен резерват, наместо во Зоолошка.

Во кој период од годината Скопје Ви мами најмногу насмевки?

Пролет. Нема поубав град од Скопје во пролет. Тогаш и најмногу сакам да правам забави и пуштам музика по скопските локали, затоа што сите се највесели.

Викендите во Скопје се посебни затоа што…

Ги имаме најевтините и најпријатни кафанчиња и кафичи во светот, можеш да отидеш во мирен локал доколку сакаш да се релаксираш или пак на добра музика ако сакаш да се забавуваш.

На Скопје му недостасува…

Култура. Сообраќајна култура, зоо култура, навики да се сортира отпадот и да се фрла во контејнери, а не насекаде. Грижа и емпатија кон бездомните животни...Можеби треба да  увеземе едно 10 000 Јапонци да не доведат во ред J

Скопје во само три зборови…

Водно, Парк, Матка

Зоолошката градина руши рекорди на посетеност, претставува вистинска атракција за скопјани но и за туристите кои го посетуваат градот. На кои проекти работите во моментов, какви новини не очекуваат во ЗОО оваа есен?

Работиме на реновирање на сите живеалишта. Секое животно заслужува да има дом најблизок до природната средина, каде што ќе се чувствува убаво, а не како во затвор. Скопје за првпат добива фламинга и пингвини, а секој викенд не очекуваат разни тематски и едукативни настани за посетителите. Јас лично, се уште работам на проектот- Казна за секој посетител кој ќе храни и вознемирува животно. Ред во Скопје мора да има, па ете да почнеме од Зоолошка.