На кафе со Моника Ризовска

Women in Tech Амбасадор. Маркетинг Менаџер.  Уметник и љубител на природа.

Како го започнуваш денот? Дали имаш утрински ритуали?

Кога сум надвор од Македонија секогаш различно во зависност од планираната динамика. Но, додека сум дома се будам со музика или аудио книга додека се подготвувам. Цедам сок од лимон и нане и денот може да започне :)

Која е твојата асоцијација за Скопско утро?

Мирисот на кафе и мелодијата на мојот миленик - Кирче (папагал нимфа).

Во кој период од годината, Скопје ти мами најмногу насмевки?

Секое годишно време за мене има свој шарм. Ја сакам зимата поради самата ладна и топла контрасна атмосфера, топлите напитоци, собирите со најблиските, белите снежни смирувачки моменти, правењето снешко и мојот роденден :) Но фаворит ми е пролетта. Го сакам зеленилото, долгите прошетки во природата, мирисот и цутот на дрвјата.

Со кого го пиеш првото кафе?

Утринското кафе го пијам со колегите на работа, тоа ми е значајно време, неизоставен дел и уживање во секое мое утро. Потоа следат ‘to do’ припремите за денот пред мене. И секако, одбирам барем едно од трите кафиња во текот на денот да го пијам сама и да уживам во моментот за себе.

 Викендите во Скопје се посебни затоа што…

Oдмарам од работната недела и уживам готвејќи вкусна храна или планирам некое интересно патување. Овие денови ги користам и цртајќи во моето ателје но сакам и гледам да најдам време и за искачување на Водно или кајакарење на Матка.

Скопје во само три зборови...

Урбана Инклузивна Целина.

Твоја омилена скопска викенд локација?

Матка, без разлика дали е кајакарење или качување на карпа. Природата е неопислива и многу ми е драго што оваа локација е лесно достапна.

 На Скопје му недостасува…

Љубов, Зеленило и Насмевки :)

Кои се твоите следни работни предизвици?

Верувам во мотото дека “ако се сака сѐ се може“. Сакам да работам и уживам кога допридонесувам.  Професионално продолжувам да делувам како менаџер за маркетинг и комуникации. Ќе учествуваме со Cosmic Development на Macedonia 2025 summit-от каде подготвуваме доста интересни предизвици. Дел сум од глобалната организацијата за Women in Tech Awards и ќе имаме доделување награди на најинспиративните жени од целиот свет. Како љубител на е-трговија, маркетинг, комуникации работам паралелно проекти од областа и на е-бизнис, ја припремам мојата следна изложба и се надевам дека конечно ќе ја завршам и својата е-продавница. 

Важно ми е за сѐ што правам и правиме со тимот да е од помош и од долгорочна вредност за сите вклучени страни па така едвај ги чекам следните активности со работилници, настани за вмрежување и раст на сите членови на Women in Tech и секако нашата мала и многу динамична ИТ заедница.