На кафе со Антонио Кузмановски од When in Krusevo

Антонио Кузмановски е млад претприемач од Крушево, кој своето образвоание го заврши на Електротехничкиот факултет во Скопје, отсек ИКИ.  Основач на своја информатичка фирма „Вебглајдерс“, како и повеќе проекти во сферата на туризмот и промоција на Крушево и Македонија. Попознати се промотивната кампања „Вљуби се во Крушево“, веб платформата за активни тури „When in X“, а во тек е и подигнувањето на нова платформа за љубители на вино „WineTours.guru“.  Помеѓу сите овие ангажмани, тука е и Outdoor фестивалот When in Krusevo, кој започна во август, 2017 година, а оваа година се одржува во јуни 21-23.

Која е основната мисија и цел на фестивалот When in Krusevo?

Иницијалната идеа за ваков фестивал беше веб платформата When in X, но веднаш штом ги запознав и останатите коорганизатори Димитар, Влатко и Петар за концептот - When in Krusevo, преку нивниот ентузијазам сфатив дека на пат сме да направиме нешто повеќе. Фестивалот прерасна во голем настан кој го промовира Крушево со својата околина, активните спортови во природа, културата во градот како и добрата забава. Заедно организиравме два летни и еден зимски настан и еве во очекување сме да направиме уште еден незаборавен викенд покрај Крушевското езеро. 

Кои се активностите што ќе бидат реализирани на фестивалот?

Настанот вклучува три групи на активности: спорт, забава и култура.

Во спортот до сега ги имавме планинарските тури (кратка и долга), велосипедските тури (долга и кратка), кајак и SUP, како и неизбежниот тандем параглајдинг (Крушево е една од најдобрите дестинации за овој спорт). А, оваа година за прв пат имаме и тури во јавање на коњи.

Делот на забава вклучува 2 концертни вечери на отворено, ќе настапат рок бендовите The Hounds и Invictus, DJ Todorof и DJ Bapcu, а очекуваме cool реге журка и од Natty Fayah SS.

Делот на култура го покриваме со влезници за сите позначајни музеи во Крушево, изложба на слики од локални автори, како и дегустација на локални специјалтитети.

Колку посетители очекувате оваа година и од кои земји?

Минатата година имавме околу 400 официјални учесници, а во градот беа присутни 3000 гости, оваа година очекуваме слична посетеност. Постетителите се најчесто од Македонија, а доаѓаат и во голем број од надвор. Целта е со тек на годините бројките да се зголемуваат.

За кого се е наменет овој настан ? Дали луѓето што не се расположени за спорт и спортски активности исто така можат да се забавуваат на “When in Krushevo” ?

Ги покануваме сите да присуствуваат, и професионалци и рекреативци, бидејќи турите се направени за секого. Имаме мали рекреативни тури за почетници и долги тури за поактивните. И оваа година ќе има рекреација за деца, часови од извидници и тн. Добредојдени се и компании и организации на кои овој викенд може да им послужи како тим билдинг, како и семејства кои ќе поминат викенд во еден необичен амбиент.

Koja e цената на билетите и што се вклучува?

Во билетот за секој учесник е вклучен заеднички ручек (после турите во сабота), подарок маичка со оригинална илустрација од македонските автор ТхеМичо, подароци од спонзори, карти за Споменик Македониум, Галерија Никола Мартиноски и секако Спомен Куќа Тоше Проески.  Важно е да се напомене дека секој кој купил карта, има право на супер ефитна цена за тандем параглајдинг (со организиран превоз) од 1500 ден, цена за кајак и SUP од 300 ден, како и можност да учествува на тура во јавање на коњи од 500 ден.

Ве покануваме на одлична дружба и супер позитивен викенд во Крушево на третиот по ред When in Krusevo!