На кафе со Алек Наумовски

Алек Наумовски, топ модел и косопственик на Моделс Ин

Еден од нашите најуспешни машки модели со богата интернационална кариера. Менаџер на модната агенција Моделс Ин. Скопјанец заљубен во есенските бои на градот.

Како го започнувате денот? Со кого го пиете првото кафе?

Најчесто првото кафе го пијам сам, станувам имам лесен доручек и веднаш си приготвувам турско кафе за да може да ми почне денот. Додека уживам во аромата, во главата си правам план за активностите што следат.

Која е вашата асоцијација на скопско утро?

Да бидам искрен не сум човек што станува рано, меѓутоа првата асоцијација ми е сонцето, прекрасниот мирис на фурната и желбата да го направам денот поубав на себе и луѓето околу мене.

Во кој период од годината Скопје Ви мами најмногу насмевки?

Секако дека во есен, моето најомилено годишно време…го доживувам како почеток на нешто ново. Сите дрвја се во толку различни бои, оној прекрасен дожд кој ја најавува промената и воедно секој дел од градот почнува да заликува на есенска бајка.

Викендите во Скопје се посебни затоа што..

Има голема разлика од порано и сега, викендите едно време се користеа за рекреација и некако се знаеше за викенд мора да се отиде на Водно или на Матка, паметам и дека често одевме на езерото Треска. Сега некако се смени динамиката и имам чувство дека викендите сега се сведуваат на кафе и ручек со блиски луѓе. Се случува и многу често баш за викенд да “избегаме” за Маврово.

На Скопје му недостасува…

Душа… која ја имаше порано и кога имав чувство дека сум во мојот град. Секако дека му фали многу зеленило, му недостасуваат пространи паркови со многу дрвја, корпи за отпадоци, чешмички за вода и најмногу недостасуваат искрените насмевки на случајните минувачи.

Скопје во само три зборови…

Турска чаршија, МКЦ, Водно, Кале и Матка J

На крајот, кои се вашите следни работни ангажмани, на какви/ кои проекти ќе работите оваа есен?

Започнува новата сезона и во модата, па токму овој период се прават планови кои модели да се пласираат и каде во светските модни агенции. Моделс Ин како модна агенција продолжува со градењето на кариерите на своите модели и нивната подготовка за претстојната сезона. Додека пак јас лично станувам селективен и пребирлив низ годините, па прифаќам ангажман доколку сметам дека е навистина добар проект.