На два милиона жители, милион станови – како и каде се живее во Македонија

За секое семјство во Македонија има по два стана, или за секои два житела по еден. Во просек, за секого има по една соба. Но, во секој стоти стан не живее никој, односно е на продажба, покажува вкрстувањето на податоците од Државниот завод за статистика и Агенцијата за катастар на недвижности.

Според проценките на ДЗС во 2016 година Македонија имала 2.073.702 житела, а во катастарските книги се запишани вкупно 1.042.628 станови. Или, ако се тргне од претпоставката дека во државата има околу 500.000 домаќинства (во пописот од 2002 година биле избројани над 560.000), излегува дека секое од нив во просек поседува по два стана. Но, други бројки што ги објавува катастарот упатуваат на тоа дека најмалку секој стоти евидентиран стан е празен и се нуди на продажба. Така, до средината на минатата година, за кога се најновите податоци, катастарот регистрира 3.663 новоизградени, а непродадени станови.

На ова треба да се додадат уште 9.973 за кои се издадени листови за предбележување, односно се во фаза на градба и веќе се на пазарот на недвижности. Ова значи дека новата понуда се состои од вкупно 13.636 станови.

Иако бројот на невселени станови е голем, мал дел од жителите на државата живеат под кирија. Анкета на централната банка на Австрија покажува дека за разлика од жителите на развиените европски држави, каде што многу се живее во изнајмени станови, македонските граѓани, како и нивните соседи од регионот, по секоја цена сакаат да имаат тапија за домот во кој живеат. Според таа анкета во земјите од Централна и Југоисточна Европа учеството на сопствени жицвеалишат во вкупниот станбен фонд е околу 80 проценти, наспроти 67 отсто во земјите од еврозоната. Околу половина од анкетираните сопственици на станови се изјасниле дека преферираат да останат во местото каде што живеат, додека пак процентот на македонските граѓани опфатени со таа анкета кои дале таков одговор бил дури и поголем. Дополнително, околу 30 проценти од сопствениците на станови во нашата држава се изјасниле дека никогаш во животот не го смениле живеалиштето. Овој податок за Македонија експертите го толкуваат како постоење ригидност на пазарот на недвижнини.

Анкетата открива и дека сите во Европа преферираат да живеат во куќа. Така е и кај нас, но малку поизразено. Според Државниот завод за статистика дури 84,2 провцента од жителите на државата живеат во куќи, од кои 70,2 проценти во целосно одвоени, а останатите 14 проценти во полуодвоени. Во колективни згради живеат едвај 16 проценти, при што 3,3 проценти во зграда со најмногу 10, а 12,6 отсто во зграда со повеќе од 10 станови.

Статистичките податоци покажуваат дека домовите во нашата држава во просек имаат по 3,5 соби, па за секој член од семејството има по една. Градежниците велат дека нашите граѓани кога е во прашање живеалиштето, одамна, од пред повеќе од една деценија, веќе не се мегаломани. Според нив, најпродавани се становите со 50 до 60 квадратни метри, или, како што велат, се бара стан со една до две одвоени спални соби, па макар и минијатурни. Дека тој вкус преовладува до ден-денес покажува и најновиот статистички извешатај за издадените одобренија за градење. Од вкупно 306 станови предвидени да се изградат низ целата држава со ноемвриските градежни дозволи, најголемиот дел, 97 се со три соби. Веднаш зад нив се двбособните, кои треба да ги има вкупно 72.

И уште еден податок во пролог на констатацијата дека македонските граѓани по секоја цена сакаат да поседуваат тапија: Од вкупниот број трансакции со недвижности кои катастарот ги евидентирал до средината на минатата година, 73 проценти биле продажби, а само 22 отсто закупи. Овие бројки се однесуваат не само на станови туку и на земјиште и друг недвижен имот.