Шест провокативно облечени девојки утревечер од излози на булеварот Св. Климент Охридски на скопјани ќе им нудат сексуални услуги. Секоја ќе има свој излог и различен настап по примерот на сексуалните работнички од борделите на„Улицата на црвени фенери“ во Амстердам. Излогот е дел од годинашното одбележување на Меѓународниот ден за борба против насилство врз сексуални работнички.

„Публиката ќе има можност да разговара со девојките, но преку стакло. Тие ќе поставуваат прашања од типот ‘дали вакво нешто му треба на Скопје ‘ и слично, а публиката ќе одговара со гестикулации“, најави Борче Божинов, претседател на граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-стар“.

Девојките ќе бидат во излозите на објектот до клубот „Вулкан“ од 17 до 22 часот со пауза од 19 до 20 часот. Целта на овој перформанс, Божиновски вели дека е отсликување на шармот на „Улицата на црвените фенери“ со бордели во Амстердам, со цел на јавноста да и се покаже дека сексуални работници во Македонија има, но скриени се, стигматизирани од околината и трпат насилство кое не можат да го пријават.

Божиновски вели дека бројките од 3.000 до 5.000 сексуални работници во Македонија кои кружат во медиумите не се точни. Тој тврди дека бројката на сексуални работници е многу поголема.

И годинава, сексуалните рабтнички за своите права ќе се борат преку традиционалната парада на црвени чадори, која е закажана за в недела на улица Македонија. Мото на парадата е „СТОП на насилството врз сексуалните работници!“.

Излозите со девојки и парадата се во организација на граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-стар“ во соработка со Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.