На 28 септември почнува Младиот отворен театар

Најголемиот меѓународен театарски фестивал во нашата држава, Млад отворен театар (МОТ), ќе се одржи од 28 септември до 4 октомври.

Во рамките на меѓународната фестивалска програма ќе бидат прикажани десетина претстави од Европа и Азија, кои секоја на свој начин ја потенцира поставеноста на единката пред сликата за вистинскиот живот денес – мигранти, традиција, работници, сираци, бегалци, историја.

На овие теми први ќе проговорат „нашите“ Словенско младинско гледалиште од Љубљана, кои на сцената во МКЦ ќе го отворат фестивалот со „проблематичната“ „Нашето насилство, вашето насилство” на хрватскиот режисер Оливер Фрлиќ, со која режисерот и ансамблот на свој начин ја изразуваат својата критика кон Европа и нејзината дволичноста во поглед на емигрантската криза.

На втората фестивалска вечер ќе биде прикажана приказната на БНП Зеница „Мојата фабрика“ во режија на Селма Спахиќ, а од 22 часот на сцената ќе бидат распослани 2.000 минијатури, макети и видео во живо, за мултимедијалната претстава „Птици“, на шпанскиот колектив Агрупцион сењор Серано (Agrupacion Senor Serrano) од Барселона.

На сцената на Театар комедија в сабота ќе биде прикажана луцидната претстава „Лебенсраум” во изведба на театарската трупа на Јакоп Албум (Jakop Ahlbom), од Амстердам, Холандија.

Сцената на Кино култура ќе биде домаќин на танцовата трупа BadCo од Загреб, која повеќе години е значаен дел од современата танцова сцена не само во Хрватска туку и во Европа, а годинава за првпат доаѓа на МОТ. Тие ќе се претстават со „Еден сиромашен и една нула”, претстава која е курирана за програмата од страна на Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата – Локомотива од Скопје.

По подолго време и Азија на МОТ. Иранската претстава „Сослушување” во режија на Amir Reza Koohestani, а во изведба на „Mehr Theatre Group” од Техеран – театар кои е многу присутен на европските сцени и фестивали последните години и е освојувач на бројни награди за своите продукции, ќе биде прикажана на сцената во МКЦ во понеделник.

„Хор на сираци” не е емотивна приказна за сираците, туку универзална приказна за човечката осаменост. Оваа претстава без текст е во режија Jerzy Zon, а во изведба на современиот полски театар КТО од Краков. Претставата ќе биде прикажана во вторник на сцената во МКЦ.

Истата вечер, на сцената на Кино Култура, ќе го видиме и документарниот театар Vox Populi од Софија, со претставата „Мир со вас“ кој ќе ни проговорат за мигрантската криза раскажана преку личните сведоштва на учесниците во неа: бегалци, мигранти и обични Бугари, кои имаат допир со странците.

Последната фестивалска вечер од официјалната програма е резервирана за Сања Митровиќ и Владимир Алексиќ, кои сеќевајќи се на минатото ќе го прикажат нивниот авторски проект „Не се срамам од моето комунистичко минато”. Претставата е во продукција на „Stand up tall”, од Брисел, Белгија.

Оваа година МОТ фестивалот, повторно во својата програма вклучува избор на домашни продукции кои освен пред публиката ќе бидат прикажани и пред петнаесетина европски селектори и критичари, а се со цел нивно натамошно дистрибурирање по сцените надвор од нашата држава. МОТ+ програмата ќе ја сочинат три продукции: „Систем еррор“ на Факултетот за драмски уметности од Скопје, „Бакнати од сонцето“ во продукција на Театар Пи, во која актери се деца со интелектуална попреченост од дневниот центар „Порака“ од Скопје и плоштадот Македонија мултимедијалниот перформанс „Таго“ од Сеул, Кореа.

Фестивалските вечери ќе бидат збогатени и со музичка програма, па така на платото пред МКЦ ќе се одржат концерти на Sara Renar од Хрватска, Pogan Pagan од Македонија, The Homesick – Холандија и Elektro Guzzi од Австрија.Билетите од меѓународната програма се 250 денари во претпродажба, а 350 денари по отварање на фестивалот.