На 21. фестивалско издание на Еврофест 2017 ќе се пее во чест на Тоше

Овогодишното 21. издание на Интернационалниот фестивал на забавни мелодии Еврофест-2017, инаку номиниран за награда од WAFA-светската организација на фестивали, ќе се одржи под мотото - Лауреатите од европските фестивали пеат во чест на Тоше.

Идејата да се пее во чест на најголемата домашна музичка ѕвезда е фактот дека годинава се одбележуваат 10 години од неговата смрт. Еврофест е закажан на 22 и 23 септември и ќе се одвива на повеќе локации, односно како дисперзиран проект во родното Крушево на Тоше и во Конгресната сала и Домот на АРМ во Скопје .

Предвидено е победниците од европските фестивали од 12 држави заедно со нашите пејачи да положат свежо цвеќе на гробот на Тоше, да ја посетат неговата спомен-куќа и да засадат дваесеттина борчиња кај манастирот кој е негово дело. Вечерта, пак, во склоп на првата фестивалска вечер ќе пеат во негова чест, а истата програма ќе биде изведена и следната вечер во Скопје.

"Се решивме на ваков чекор бидејќи сме сентиментално врзани со Тоше, нашиот ангел на песната кој на Еврофестовската фестивалска сцена во 1998 година првпат победи со песната "Сонце во твоите руси коси" и со неа молскавично се вивна на естрадното небо. Во оваа пригода ја означуваме и 20-годишнината од тој настан", вели Костадин Костадиновски, директорот на Еврофест.

Фестивалот ќе го отвори претседателката на WAFA Фиген Чакмак, а со неа доаѓа и генералниот секретар Роберт Кефаи од Малта. Наградата за животно дело ќе и биде доделена на бугарската естрадна звезда Захари Чернев, еден од авторите на првата песна во која се спомнува името на Тоше.