На 11 години пијат алкохол, на 15 пушат цигари, пробале марихуана и имаат секс

Не го сакаат училиштето, со пријателите најчесто комуницираат преку СМС, појадуваат во викенди кога им се дома родителите, мислат дека имаат проблем со килограмите, на 15 години првпат имале секс, ја испушиле првата цигара, пробале марихуана и се напиле алкохол.

Ова е кусиот опис на просечно дете во Србија на училишна возраст, пишува белградски Блиц. Но, ништо не е поразлина и состојбата во Македонија.

Истражувањето што го објави Институтот за јавно здравје “Батут” покажува што сакаат децата на училишна возраст, како се однесуваат, какви навики имаат во исхраната и дали се физички активни.

Дека не го сакаат училиштето навеле 38,4 отсто ученици и ученички. Девојчињата имаат попозитивно мислење за училиштето од момчињата, како и помладите од постарите ученици.

Четири петтини од сите ученици се чувствуваат прифатено од другите ученици. Училишните обврски се значително оптоварување на 38 отсто ученици, а повеќе се жалат момчињата.

Поддршката од пријателите иако е значајна се доживува како помала од поддршката од семејството, па така 66,3 отсто деца сметаат дека нивните пријатели сакаат да им помогнат.

Најголем број ученици за секојдневна комуникација со пријателите користат СМС (53,8 отсто), инстант пораки на чат апликации (54,5 отсто), телефон и интернет, но малкумина користат електронска пошта и Фејсбук.

Овошје секој ден јадат само 19,3 отсто од учениците, зеленчук 24,3 отсто, а благо 43,4 отсто при што други една четвртина јадат слатко повеќе пати во текот на денот. Петтина од децата пијат газирани сокови повеќе од еднаш дневно.

Девојчињата почесто сметаат дека имаат вишок килограми, велат дека се на диета или дека треба да ослабат, а момчињата почесто сметаат дека треба да се здебелат.

Во Србија 17,5 отсто ученици и ученички пушеле барем еднаш во текот на животот, 10,9 отсто и сега пушат цигари, а меѓу нив 58,6 отсто пушат секој ден. Најголем број од децата првата цигара ја запалиле на 15 години. Речиси секој ученик на 11, 13 и 15 години пробал алкохол, а една четвртина се опиле барем еднаш во животот.

Марихуана барем еднаш пробале 12,5 отсто ученици и ученички од прва година средно училиште.

Кога станува збор за сексуалната активност на учениците од прва година средно училиште, 22,9 отсто анкетирани биле сексуално активни. И тука 15 години е возраста кога се случил првиот сексуален контакт. Една четвртина од нив користеле презервативи.