Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром вечерва со дуелот против белградски Партизан ќе ја започне новата сезона во регионалната АБА лига.

Аеродромци со поинаков концепт од минатите сезони, помалку буџет, но и повеќе верба до домашните, македонски играчи, ќе се обидат да направат подобра резултат од претходните сезони, најави тренерот Александар Тодоров.

– Би сакал да го видиме МЗТ на следниот Суперкуп во Бар, што значи дека целиме на пласман меѓу најдобрите осум. Би сакал да ги видам „Фемили Аеродром“ на трибините, особено против Партизан. Секогаш е многу поубаво да ги слушнеш сопствените фанови како те бодрат отколку во своја сала да слушаш гостински навивачки песни, затоа и јас лично ги повикувам нашите навивачи да дојдат и да ни дадат поддршка, изјави Тодоров.

Задачата, како што рече, нема да биде ни малку лесна, бидејќи сите екипи кои и сезонава ќе играат во регионалната конкуренција значително се засилија.

Дуелот меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Партизан кој се игра во СЦ „Јане Сандански“ од 20 часот, е вториот од новата сезона во АБА лигата.

Сезоната ќе ја отворат вицепрвакот Цедевита и ФМП со дуелот кој ќе започне од 18 часот.

Во останатите натпревраи од 1.коло на АБА лигата ќе играат: Будуќност – Задар (сабота), Мега Бемакс – Цибона и Црвена звезда – Морнар (недела) и Петрол Олимпија – Цедевита (понеделник).