Министерството за животна средина и просторно планирање испрати апел до институциите да бидат подготвени во случај на надминување на прагот на дозволени гранични  вредности на ПМ честитки во воздухот, иако, наведуваат, според информацијата на Управата за хидрометеоролошки работи временската прогноза овие денови ќе биде поволна.

Како што стои во соопштението од Министерството, се бара единиците на локалната самоуправа да бидат подготвени за намалување на цената на билетот на градскиот превоз или за обезбедување бесплатен билет, што би било поттик за граѓаните за користење на јавниот градски превоз, како и да се интерезивира дневното чистење на улиците и пешачките површини и да се зголемат инспекциските контроли на градилиштата, на ракувачите со отпадни масла и сервисите што работат на промена на масла. 

Министерството ги потсетува градежните компании дека имаат обврска да користат вода за намалување на прашината при градежни активност (прскање, миење гуми пред излез од градилиште итн.), и обврска градежните машини (багери, булдожери, виљушкари) да ги пренесат до градилиштата до 7:30 часот наутро. 

- Истовремено, на граѓаните им препорачуваме да не ги користат возилата без потреба и повеќе да користат јавен превоз. За затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал. Да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот и редовно да се чистат оџаците, наведуваат од МЖСПП.

Во случај на надминување на прагот,  да се ограничат движења и активности на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хоронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма, преживеан инфаркт на миокардот или мозочен удар), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот. 

Истовремено, Државниот инспекторат животна средина согласно своите надлежности да ги интензивира инспекциските надзори над почитување на законските одредби и доколку констатира неправилности при работењето од нивна надлежност да преземе соодветни мерки.

Од МЖСПП наведуваат дека редовно и на дневна основа ги следат состојбите кои влијаат на квалитетот на воздухот и на здравјето на граѓаните.

Во рамки на следењето на состојбата и преземањето итни мерки против загадувањето, во следните денови, интензивни работни средби ќе одржуваат интер-ресорската група за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање, како и Интервентната акциска група составена од претставници на кабинетот на премиерот, Министерството и Градот Скопје.