МВР со детали за сообраќајката во која се судрија два автомобила и камион, а загина едно лице

На магистралниот пат Куманово – Крива Паланка кај село Облавце во попладневните часови на 10 август се случи тешка сообраќајна несреќа меѓу два автомобила и камион во која животот го загуби едно лице.

Како што информираат од МВР, во сообраќајката учествувале возило „чироки“ со бугарска регистрација, управувано од 27-годишен кумановец, автомобил „алфа ромео“ со кумановска регистрација чиј возач бил 38-годишник од овој град и камион „волво“ со турска регистрација и приклучна приколка, управуван од 42-гоидишен државјанин на Турција.

Во камионот „волво“ по сообраќајната незгода избувнал пожар.

На местото на настанот починал 27-годишниот возач на „чирокито“, а тројца сопатници од истото возило на возраст од 23 до 28 години, инаку сите од Куманово, биле пренесени во Општата болница во овој град. Болнички преглед бил извршен и врз возачите на другите две возила кои учествувале во сообраќајката.

Кај еден од сопатниците во „чирокито“ и возачот на камионот биле констатирани тешки повреди, додека другите двајца сопатници и возачот на „алфа ромео“ се полесно повредени.