МВР приведе 36 лица - ова е делото за кое ги гони ОЈО

Основното јавно обвинителство за гонење на  организиран криминал и корупција по преземање на сите дејствија за утврдување на фактите во врска со настаните  кои се случија на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија ја заврши предистражната постапка.

По разгледување и анализа на прибраниот доказен материјал, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против  триесет и шест лица поради  основано сомнение за сторено кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик.

Утрово се приведени Митко Чавков, Митко Пешев, Душко Лазаров, Владо Јовановски, Горан Ангелов, Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов, една пратеничка, Игор Дурловски...Тие се гонат според член 313 од кривичниот законик, според кој тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години.