МВР потврди дека Билјана Беличанец се обесила во бањата - телото го пронашол сопругот

Актерката и поранешна градоначалничка на Кисела Вода Билјана Беличанец синоќа е пронајдена мртва во стан во Скопје.

Од МВР потврдија дека нејзината смрт ја пријавил член на семејството синоќа околу 22.40 часот.

Според извори од истрагата, Билјана Беличанец била пронајдена обесена во бања а на нејзиното тело не биле забележани траги на насилство. Иако истрагата е во тек, сепак веројатноста е голема дека се работи за самоубиство.

Како што информираат од МВР, нејзиниот сопруг пријавил дека во неговиот стан на улица „Истарска“, го пронашол безживотното тело на неговата 45-годишна сопруга, која си го одзела животот.

Сопруг на Беличанец е режисерот Сашо Миленковски со кого неодамна таа стапи во брак, кој беше нејзин втор.

Од страна на Итна медицинска помош била констатирана смрт. Извршен бил увид, а по наредба на јавен обвинител телото е предадено на Судска медицина за обдукција, информираат од МВР.

Беличанец е родена на 25 јули 1973 во Скопје. Во 1994 година дипломирала како најмлад актер на Факултетот за драмски уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и истата година се вработува во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде претежно игра главни улоги за кои подоцна добива награди и признанија. Во 1997 година се вработила во Драмски театар - Скопје.

Од 2013 до 2017 година, Беличанец беше Градоначалник на општина Кисела Вода како кадар на ВМРО-ДПМНЕ а јавноста последните две години од нејзиниот мандат шпекулираше дека Беличанец имала сериозни здравствени проблеми.