МВР подготвува законски измени за воведување видео надзор на патиштата

По сообраќајната несреќа кај Скопската обиколница  , во која животот го загуби 37 годишен полицаец , МВР ќе го менува начинот на контрола на движењето на патиштата. Формирана е работна група која ќе направи измени на законите , со што ќе се овозможи воведување видео надзор на патиштата низ државата, каде често возачите ја надминуваат дозволената брзина. Со тоа работата на сообраќајната полиција ќе се олесни и модернизира.

“Формирана е работна група која работи на подготвување на измени на законите, со кои што ќе се овозможи поставување на камери и на автопатиштата и на клучните раскрсници, каде што тие ќе ги заменат сообраќајците, односно полициските службеници . И на тој начин ќе се олесни работата, ќе се заштедат сили и ќе се модернизира работата на Полицијата” –изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Независниот синдикат на полицијата, мотивиран од сообраќајната несреќа на Скопската обиколница, вчера побара од МВР одржување панел дискусија за воведување камери на патиштата по примерот на европските земји и донесување нов Закон за безбедност во патниот сообраќај.

Несреќата на Скопската обиколница се случи во петокот попладне , кога возило БМВ, со гостиварски регистарски таблички, беше запрено од  сообраќајната полиција поради движење со прекумерна брзина. При тоа во БМВ-то се удрил камион кој се движел зад него. Од ударот волизото експлодира и во него изгоре совозачот во БМВ-то, а беше повреден и возачот на камионот.

Како што информираат од Ургентниот центар, каде настраданите беа пренесени, и покрај операцијата, тешко повредениот полицаец, по 45 минути им подлегнал на повредите, а другиот, по опсервацијата е пуштен на домашно лекување зашто се здобил само со гребнатини.

Возачот на БМВ-то е во стабилна состојба, се наоѓа во Единицата за интензивно лекување на Карил и се планира да биде префрлен на одделение.

Дневно 200 до 400 казни добиваат несовесните возачи и според статистиката, како резултат на засилените контроли на патиштата, лани и полани,  бројот на сообраќајни несреќи и на жртви е намален, дополнуваат од МВР.