МВР: Граѓаните да не патуваат со документи кои претходно се пријавени како изгубени

МВР апелира до граѓаните да не патуваат со патни исправи или лични карти кои претходно ги пријавиле како изгубени или украдени, бидејќи се неважечки и се одземаат.

Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, апелира до граѓаните да не патуваат со патни исправи или лични карти кои претходно ги пријавиле како изгубени или украдени, бидејќи, како што наведуваат, се неважечки и се одземаат, а на граѓаните не им се дозволува продолжување на патувањето во земјата каде се употребени, пренесува Anadolu Agency (AA).

Од МВР наведуваат дека во текот на летната туристичка сезона зачестена е појавата на граничните премини во Европа, македонски граѓани да користат патни исправи кои претходно ги пријавиле како изгубени или украдени, а откако ќе ги пронајдат се обидуваат да патуваат со истите, без притоа да го пријават пронаоѓањето во надлежните служби на МВР каде се издадени документите.

„Со оглед на фактот дека сите патни исправи и лични документи кои се пријавени како изгубени или украдени, претставуваат неважечки документи и истите се внесуваат во базите на ИНТЕРПОЛ, при употреба на овие документи пред надлежни полициски органи насекаде низ Светот, истите се одземаат и на граѓаните не им се дозволува продолжување на патувањето во земјата каде се употребени", појаснуваат од МВР.

Исто така, од таму додаваат дека со цел избегнување дополнителни финансиски трошоци за нашите граѓани за вадење патен лист во амбасадите на Република Македонија, пропаднати туристички аранжмани и сл., апелираат граѓаните кои претходно ги пријавиле своите патни исправи или лични документи за изгубени или украдени, во случај на нивно пронаоѓање задолжително да го пријават истото во надлежните служби на МВР каде се издадени документите.