Мухамед Зекири: Не сум бил на ниту еден ИФТАР

Потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири, за ,,Слободен печат” тврди дека не бил на ниту една ифтарска вечера и дека немал ни дозвола за движење во полициски час и ниту еднаш не го прекршил полицискиот час.

Засега единствените симптоми што ги има се блага главоболка. И неговата сопруга и бебето се добри.

-Не сум бил на ниедна ифтарска вечера. Јас сум тој што повикуваше да се казнуваат тие што одат на такви собири. Ние само за Бајрам отидовме до кај брат ми за да ја види малата првпат после три месеци! Не сум мрднал од дома освен за неодложни обврски. Брат ми со семејството ќе се тестираат допрва – ни рече Зекири.

Претходно лидерот на СДСМ, Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека Зекири заразил на ифтарска вечера кај брат му. 

На денешната прес-конференција лидерот на СДСМ одговори на новинарско прашање за заразувањето на потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири и директорката на УЈП, Сања Лукаревска со Ковид-19.

- СДСМ е голема партија со над 120 илјади членови и мерките целосно се почитуваат. Бројката од двајца заразени покажува дека вирусот е реалност и тој постои. Зекири е заразен одејќи на ифтар кај својот брат, снаата веројатно била заразена. Не сме почитувале доволно. Со Филипче зборевме, кај Лукаревска е целосно друг случајот и правото на пренос не е исто како кај Зекири, но тоа тој ќе го објасни, рече Заев.