Мудростите на Достоевски: Како да го победиш злото околу себе?

„Понекогаш, остануваш во недоумица и особено кога го гледаш човечкиот грев, се запрашуваш: Дали треба да се победува на сила или со смирена љубов?

Секогаш одлучувај вака: Ќе победам со смирена љубов.“ – вака порачува рускиот писател Фјодор Достоевски и објаснува зошто е тоа најдобрата одлука:

„Ако еднаш засекогаш ја донесеш оваа одлука, ќе можеш да го покориш целиот свет. Смирената љубов е голема сила, најјака од сите сили, ништо не и е рамно на овој свет! Секој ден и секој час, секој момент надгледувај се самиот себе, за изгледот да ти биде благо убав.

Ете, си прошол покрај мало дете, си прошол лут,  со неубав збор, со изгребана душа и можеби не си го ни видел детето, но тоа тебе те видело и твојот лик, неубав и зол, можеби останал во неговата слаба и незаштитена душа. Тоа семе може и ќе порасне, а се заради тоа што не си можел да се воздржиш пред детето, затоа што во себе не си одгледал внимателна и силна љубов.

Браќа, не се плашете од гревовите на луѓето, сакајте го човекот и неговиот грев, затоа што кој го сака грешниот човек, тоа е слика на Божјата љубов и врвот на љубовта на земјата. Сакајте ги сите суштества кои ги создал Бог и севкупно и дел по дел. Сакајте го секој лист, секој Божји зрак. Сакајте ги животните, сакајте ги билките, сакајте ја секоја работа. Ако ја сакаш секоја работа, ќе ја разбереш и Божјата тајна во работите.

А ако ја сфатиш еднаш, потоа неуморно ќе почнеш  да осознаваш се повеќе и се подалеку и тоа секојдневно. И на крај ќе го засакаш целиот свет.

Сакајте ги животните: нив Бог им подарил малку мисли и тивка радост. Немојте да им ја нарушувате и попречувате, не ги мачите и не им ја одземајте радоста, не се противете на Божјите мисли. Човеку, не се занесувај, немој да мислиш дека си подобар од животните: тие се безгрешни, а ти со својата величенственост само ја гнасиш земјата со својата појава, оставаш гнасен траг зад себе кога одиш по неа – и тоа го прави скоро секој, секој помеѓу нас!

Особено сакајте ги децата, затоа што тие се безгрешни како ангели и живеат за да не разнежат и за да не усреќат. Тие живеат за да ги прочистат нашите срца, како некој патоказ за нас. Тешко на оној кој ќе навреди дете.“ – заклучува Достоевски.