МТСП: Заштита за работниците кои ќе сведочат против работодавците кои им ја крадат минималната плата

Три месеци откако законски е регулирано исплаќањето на минимална плата во износ од 12.000 денари се појавија и првите информации дека се прават злоупотреби. Дел од работниците се принудени на газдите да им вратат на рака дел од парите, и најчесто не се охрабруваат да говорат за тоа и да ги пријават злоупотребите.

Ова посебно е присутно во текстилните, кожарските и чевларските компании, каде е и најголем бројот на работници кои добиваат минимална плата, пишува МИА. На злоупотребите во текстилните компании неодамна укажа и штипското здружение „Гласно – текстилец“.

Барањето на газдите работниците на рака да им вратат дел од минималната плата е кривично дело за кое е предвидена затворска казна од три месеци до една година, посочуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Оттаму велат дека работниците треба да се свесни оти станува збор за кривично дело и дека треба да се охрабрат да пријават со цел да се спречат манипулациите со исплатата на минималната плата.

За министерката за труд и социјална политика Мила Царовска враќањето на дел од минималната плата е кражба што ја вршат работодавачите врз работниците. Единственото решение за справување со овој проблем, според неа, е да се охрабрат работниците да пријават и да сведочат, за да бидат санкционирани работодавачите.

– Имаме многу алармантни ситуации во кои работата на хартија е чиста, но во пракса е погрешна. И токму затоа, тие и да алармираат до граѓански организации и до Државен инспекторат за труд, се додека не се подготвени да дадат изјава и да сведочат заедно со уште еден вработен од истата фирма, ние многу тешко ќе го поправиме системот, вели Царовска.

Од Министерството за труд и социјална политика посочуваат дека ќе им помогнат и ќе ги заштитат работниците кои се подготвени да го пријават случајот и да сведочат. Велат дека Владата одлучила да дава субвенции за исплата на минималната плата, не со цел работодавачите да ги полнат џебовите, туку сите вработени да ја добијат загарантираната сума од 12.000 денари.

Од текстилната индустрија, каде најмногу се забележани манипулации, укажуваат дека не им е проблем исплатата на минималната туку тоа што нејзиното зголемување повлекува и покачување на платите на останатите вработени кои претходно добивале плата од 12 илјади денари. Затоа бараат од Владата придонесите за плата од 12 до 18 илјади денари да бидат исти односно да се плаќа по 5.130 денари.