МТСП тврди дека се обезбедени услови за нормално функционирање на градинките

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека презело мерки за надминување на проблемите во детските градинки, со што се обезбедени услови за непречено функционирање и за непречена грижа за децата.

„Министерството веќе прави детална анализа на секоја установа поединечно што во текот на 2018 година ќе резултира со трајно решавање на кадровските проблеми кои во градинските ги создаде претходната Влада, држејќи ги воспитувачите, родителите и децата во редовна неизвесност.

Потсетуваме дека во последните 11 години системски е уривана детската заштита и е направен недостиг на кадар во градинките од повеќе од 2.000 луѓе. Како што веќе известивме, со буџетот за 2018 година обезбедивме средства за 200 нови вработувања во градинките, за зголемувањето на платите за вработените во градинките за 5 отсто, дополнителни средства за материјални трошоци за функционирање на градинките“, се вели во соопштението во врска со денешниот допис на СОНК до медиумите.