Можевме да бидем заедно. Да бевме во друг живот, во друг универзум, можеби и ќе бевме заедно. Можеби во тој универзум ти би ми кажал дека ме сакаш. Можеби тоа би било реалност, а не моја фантазија.

Но, тоа е во друг универзум кој е оддалечен и помеѓу кој стојат други галаксии и бесконечности.

Тука ѕвездите се сурови. Тие ѝ се смееја на нашата трагедија, на нашите неуспеси, во моментите кога сакавме бајка. Тие сјаеја кога си заминав плачејќи, а претходно беа темни. Исчезнуваа секогаш кога бевме сами. Во овој живот не ни е судено. Колку и да барам нешто друго, тоа е единственото објаснување кое постои.

Во другиот универзум ѕвездите би биле именувани по нас и на небото би сјаела нашата љубовна приказна. Би имале среќен крај. Таму никогаш не би чула дека ме сакаш мене, но и некоја друга во исто време. Таму моето срце не би ја познавала оваа болка.

Спомените не би избледеле. Ти и после толку години сѐ уште би имал сјај во очите додека зборуваш за нас. Моето срце секогаш би се сеќавало на тоа колку бев лудо заљубена во тебе.

Сепак, јас единствено знам како е да те прогонува нешто што никогаш не ни било. Знам како боли да живееш во минато кое е светлосни години далеку од тебе. Тоа стана мојата реалност. Мојот ум постојано се прашува каде си. Моето срце секојдневно се крши. Се крши кога гледам како се преправаме дека немаме минато и дека сме странци. Секојдневно одновно те губам.

И можам да го смирам моето срце така што му велам дека некаде таму постоиме ние. Поинакви. И дека светот би бил подобар кога би биле заедно.