Можеби проблемот е во мене

Се помирив со тоа дека ќе остарам сама. Секогаш се замислував сама. Во којата куќичка нема простор за маж и деца. Можеби баш со тие мисли ги туркав луѓето од себе. Можеби сум таква затоа што не добивав доволно внимание ко малечка.

Можеби моите врски не траат подолго од три години затоа што проблемот е во мене. Можеби сум пречудна, напорна, можеби предоцна се отворам и се предавам. Можеби навистина проблемот е во мене. Ако не е проблемот во мене, тогаш дефинитивно имам проблем со изборот на мажи. Можеби луѓето се плашат од мене како што јас понекогаш се плашам од моите мисли. Можеби поставувам пречудни прашања.

Веќе со денови се обидувам да си ги средам мислите како што ги средувам книгите на полиците – мораат да бидат средени. Моите мисли никогаш не се во една линија, особено навечер. Синоќа ме разбуди потреба да отидам во тоалет. Откако отидов во тоалет, легнав на каучот и почнав да размислувам. Во глава ми се појави една старица која ја запознав во автобус. Возењето со автобус може да биде многу напорно. Мразам кога постари луѓе ме прашуваат разни работи и мразам кога морам да ги извадам слушалките од уши и да се впуштам во разговор со нив. Тоа често ми се случува затоа што исто како и постарите луѓе и јас сакам да седам напред. Сакам да ја гледам природата и патот пред себе, иако напамет го знам секое стебло и камче по патот.

Тој ден научив многу од бабичката со која го делев седиштето. Научив дека нема да имам проблем со одење во тоалет навечер доколку водата која ми е покрај креветот не ја пијам, туку само ја користам за навлажнување на устата. Научив дека кремите против брчки се сосема непотребни. Оваа 70-годишна жена имаше многу младолико лице, ја издаваа само рацете кои имаа брчки и нејзините приказни за внуците. Секој ден, наместо крема, на лицето ставала згмечена банана, да држела на лице некои 10 минути и потоа го миела лицето со ладна вода.

Зборуваше за брчките и како има брчки над усните, затоа што прави смешна фаца додека решава крстозбори и размислува. Јас ѝ кажав дека ми се прават брчки на челото затоа што многу размислувам и читам, а кога го правам тоа, секогаш сум намуртена. Кога човек би ме видел во таква состојба, сигурно би помислил и дека мразам читање, но би се излажал, затоа што мислам дека зборовите се единствените кои никогаш не ме разочарале.

Ми зборуваше за своите деца и внуци, а потоа ме фати за рака и ми рече дека многу ѝ недостасува сопругот. Не знам зошто, но отсекогаш сум била личност на која другите луѓе ѝ се доверувале. Многу често луѓе кои не ме ни знаат ми кажувале работи кои не би им ги кажале на другите. Ми се случувало во соба преполна со луѓе да седнат до мене и да си ја соголат душата. Секогаш сум знаела да давам добри совети, освен, секако, на самата себе. Можеби и затоа ќе остарам сама.

Ми кажа дека се венчале прилично рано и дека не минала ниту една вечер без да заспијат држејќи се за раце. Тоа е она што највеќе ѝ недостасувало: неговата рака, испреплетени прсти, бакнеж во чело. Ми кажа дека никогаш не си легнале лути еден на друг и дека паровите кои заедно растат и стареат, често се караат за глупости. Ми рече дека посакува почесто да попуштала, затоа што кавгите се за будали.

Се помирив со тоа дека ќе остарам сама и повеќе не се плашам. Не сонувам испреплетени прсти, бакнежи во чело и кавги за глупости. Синоќа лежев на каучот и размислував за тоа дека еднаш во животот имам сакано вистински и дека на некои луѓе тоа никогаш не им се случува. Размислував и за тоа дека веројатно немам поим за животот, но знам едно. Љубовта го врти светот. Љубовта заборава на препреките, годините, далечината, грдите зборови и љубовта го простува она што разумот не може да го прости. Да остареш сам и не е толку лоша работа ако научиш да го сакаш светот околу себе – заспаните утра, мирисот на нова постелнина, смеата на децата од соседството, пролетниот дождец кој секогаш се случува кога немаш чадор со себе, солзите кои ти го ослободуваат товарот од рамената. Сѐ престанува да биде лошо кога ќе научиш да се сакаш себеси.