Може и без страст, но...

Додека си го пиев попладневното кафе, една девојка која со својата другарка седеше наспроти мене, силно мавташе со рацете и намуртено велеше: „Ти мислиш дека јас сакам да тренирам? Тоа го мразам највеќе на свет, но морам! Целуитот сам нема да исчезне!“

Девојката воопшто не беше дебела, но знаев дека тие мали „вишоци“ нема лесно да исчезнат, најмногу поради нејзиниот став: „Тоа го мразам највеќе на цел свет.“

Ние постојано забораваме дека и најтешките работи се извршуваат лесно кога има љубов. Кога ни дава ветер во грб. Затоа и толку тешко ни оди целата таа работа со промените.

Наместо љубов, ние се служиме со измами и потоа се жалиме дека не ни оди. Па не оди!

На луѓето им е најлесно да ја запакуваат својата завист во некој стереотип и така мирно да живеат со фактот дека немаат нешто. Полесно да одат на сигурно отколку да променат нешто во животот. Сите знаеме дека сите згодни жени не се глупи, исто како што сите дебели жени не се паметни, а сепак тоа постојано го слушаме.

„Види колку е убава и згодна! (позеленува во себе) Сигурно е глупава!“ или нешто во стилот: „Паметна девојка. Штета што е дебела. Но, добро, не е сѐ во изгледот.“

Не е. Ама не е ни тоа поентата. Наместо луѓето да фатат книга во рака или да почнат да си ги остваруваат соништата, тие бираат животот да мине крај нив. Затоа што е полесно. Затоа што цело време кукаме дека немаме време за да живееме и уживаме.  

Еве ќе се земам себеси за пример. Лежам, а моето презгодно тело се крие под наталожените килограми кои тешко се симнуваат по породувањето. Си велам дека немам време за вежбање и тоа не е толку неточно колку што е самозалажување. А тоа е најтешкиот облик на лажење, речиси и неизлечлив. Истото е и со (не)учење јазици, (не)читање и останати работи.

Но, имам нешто што се нарекува желба. Тоа е мала трошка, моја мала страствена трошка која ме турка и ми вика: „Стани, да не дојдам до тебе и со сила да те станам!“.

Таа страст, тоа гориво ја убива таа мрзливост.

Наместо да го правам она што мислам дека треба и да го „мразам највеќе на свет“, јас избирам да го правам она што ми ја затреперува душата. Да, не сум баш најлуда по стомачни вежби, но си го обожавам црвениот фустан. И сакам кога ќе видам дека убаво ми стои. Иако ми треба уште малку за да се вратам на телото кое го имав кога убаво ми стоеше тој фустан. Тие стомачни вежби се само средство кое ќе ме однесе до целта. Средство кое на крајот, сакала – не сакала, го засакав.

Секако дека може и без страст, но многу е потешко.

Тоа е за оние кои баш сакаат да мачат. Што прават сѐ на сила, а животот им минува...