Децата впиваат како сунѓер. Тоа и самите сигурно го имате забележано. Доволно е да ви се испушти еден погрешен збор и со недели потоа ќе се обидувате да го искорените од речникот на вашето дете. Но, наместо да се фокусирате на работите кои не сакате вашето дете да ги запомни, сосредоточете се на она што сакате да го запомни.

Во продолжение прочитајте неколку мотивациски реченици кои би требало секој ден да му ги кажувате на вашето дете:

Тоа е љубезно од твоја страна

Дури и кога нема многу работи за кои можете да кажете дека се љубезни, најдете макар една и истакнете ја. Кога децата ќе чујат дека се љубезни, тоа ќе ги поттикне уште повеќе да бидат такви.

Благодарни сме што те имаме

Често им велиме на децата дека ги сакаме, но покажувањето благодарност што ги имаме во нашиот живот е чекор повеќе во поглед на искажување љубов. Им покажуваме дека сме среќни што токму тие се покрај нас.

Те сакам, дури и кога...

Детето лесно може да се почувствува повредено, особено кога е во неволја. Секогаш потсетувајте го дека што и да направило, без оглед на погрешната одлука која ја донело, вие секогаш ќе го сакате. Тоа никогаш нема да се промени. Вашата љубов ќе направи вашето дете следниот пат да го направи вистинскиот избор.

Тоа што го зборуваш прави да се чувствувам...

Оваа реченица е добра за позитивна афирмација, но може да се користи и во сосема поинаков контекст. Одлична е за започнување разговор. На пример: „Кога рече дека ти се допаѓа вечерата, тоа направи да се чувствувам среќно.“

Сакам кога...

Секако дека е важно да му кажувате на детето дека го сакате. Но, исто така е важно и да знае што сакате кај него. Обрнете внимание на тоа да истакнувате што е можно повеќе различни квалитети, а не само физички карактеристики. На пример: „Сакам кога ќе ме прегрнеш, кога си добар кон сестра ти, кога сакаш да се дружиме...“

Многу ми помагаш кога...

Кога детето е мало, многу е можно да посака да им помогне на родителите. За и подоцна да го поттикнувате да ви помага, важно е да ги истакнувате корисните работи кои ги прави без ваше претходно инсистирање. На пример: кога ќе ги намести играчките, кога ќе ги собере своите алишта од подот...

Се гордеам со тебе...

Без оглед на причината, кажете му на детето кога сте горди на него. Мали работи, големи работи, работи кои планирало да ги направи, дури и за оние кои не е ни свесен дека ги правел. Важно е да знае дека се гордеете со него кога ќе направи нешто добро.

Зборувај ми повеќе за тоа...

Ставете му до знаење дека ви е важно да чуете за работите што нему се важни и дека сакате да чуете што има да ви каже и што му се случува во животот. Тоа ќе му помогне да научи како да комуницира со вас, но и со други возрасни луѓе.

ДА

Најдете барем една работа дневно за која можете да кажете ДА. Заедничко читање книги, играње игри, јадење сладолед после вечера. Можноста почесто да кажувате да, создава позитивна атмосфера и ќе поминете многу поквалитетно заедничко време.