Мостот и булеварот низ Керамидница ќе чинат двојно повеќе од првичните пресметки

Двојно повеќе ќе чини изградбата на мостот на Вардар кај хотел “Русија” и двокилометарскиот булевар “АСНОМ” кој треба да биде пробиен низ населбата Керамидница.

Како што пренесува Вечер, проектот кој првично беше најавено дека ќе кошта меѓу 7,5 и 8 милиони евра, според најновите пресметки ќе чини 15 милиони евра и се очекува да стартува до ноември годинава. Половина од парите се наменети за градежни работи, а другата половина за експропријација на земјиште.

Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски вели дека пробивањето на булеварот “АСНОМ” им е приоритетно прашање.

– Во фаза на експропријација сме на земјиште на 143 домаќинства во населбата Ќерамидница што е обврска на општина Гази Баба. До ноември ќе почнеме со реализација на проектот кој заедно со Град Скопје ќе не чини 15 милиони евра и истиот го градиме да биде во функција на граѓаните на Центар, Гази Баба и Аеродром. Мостот со должина од 120 метри ќе почнува од хотел “Русија” и од другата страна ќе се поврзе со игралиштето во Ќерамидница. Оттаму ќе стартува новиот булевар кој ќе има по три ленти за возење во двете насоки, а од двете страни ќе има патеки за велосипеди и тротоари за пешаци и дрвореди. Ќе излезе кај раскрсницата кај скопско сајмиште и ќе се поврзе со булеварот “Гоце Делчев” – вели Георгиевски.

За градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој деновиве остварил средба со жителите на Ќерамидница и ги слушнал нивните мислења, пробивањето на овој сообраќаен коридор ќе даде исклучителна развојна компонента на градот и ќе овозможи да патуваме побрзо и побезбедно.

– Од Ново Лисиче до Саем или од Автокоманда до ТЦ „Бисер“ со автомобил ќе се стигнува за само 5 минути. Времето на движење за велосипедистите и пешаците, исто така, ќе биде драстично намалено – изјави Шилегов.

Аеродром во моментов е поврзана со Гази Баба со само еден мост “Близнак”.

Овој проект е предвиден во ГУП од 1965-та година, а досега за него никој во Градот ја немал изготвено основната планска документација. Градбата на овој коридор со мост предвидено е да биде завршена во рок не подолг од 24 месеци од почетокот на градежните работи.