Мојот сопруг нема диплома...

  • „А што е вашиот сопруг?“ – ме праша еден од моите професори кога дипломирав.

  • „Мојот сопруг е магационер, т.е заменик на шефот на магацинот, ако веќе е тоа важно, но има и други потешки обврски!“ – реков јас, прилично остро, подготвена да ја бранам честа на мојот недипломирам сопруг, кој ете нема факултетска диплома, затоа што припаѓа на една несреќна генерација која во 90-тие години размислуваше како да заработи за леб, па за повеќето студирањето беше мисловна именка. 

Ме погледна со некакво гадење, профршти со носот во знак на негодување и си замина, веројатно мислејќи дека не сум нормална штом сум се „спуштила на тоа ниво.“ Тоа, драги мои, е уште една предрасуда, која вели дека ако си некаков академски граѓнин, тогаш и маж ти мора да има диплома, а сѐ останато е незамисливо и недозволиво, затоа што „нема да се разбирате“, како ти да зборуваш на кинески јазик само поради фактот што ти имаш некакво парче хартија која многумина во денешно време и си ја купуваат.

Се имам нагледано машински инженери кои еднаш се напија и никогаш не престанаа да пијат. Кои ги малтретираа своите жени и деца, а главното покритие за таа ароганција беше нивната диплома. Ако немаш диплома, а пиеш – тогаш си пијаница, а ако имаш диплома и пиеш – тогаш ти си боем! А бе милина, прекраснотии!

Се имам нагледано архитекти кои одвреме-навреме им удираат шамар на своите жени, чисто за да се знае кој е газда во куќата. Знаем и електроинеженери кои ги изгубија своите животи кога фирмите во кои работеа отидоа под стечај, па чекаа жената да ги нахрани продавајќи работи на пазар. Сведочев на еден куп доктори кои ги изневеруваа жените по болниците и тоа е јавна тајна. 

Сакам да кажам дека печатот на неговата диплома не е гаранција дека ќе биде прекрасен, верен сопруг и прекрасен татко на вашите деца, дека ќе биде поддршка и сигурност во тешки времиња. Тоа општеството го има наметнато како единица мерка за вредност на човекот. Па затоа попожелен е маж со диплома, отколку без неа. А кога ќе видиш, на ниту еден факултет не постои предмет кој би те научил како да бидеш добар маж или добра жена. Таа вештина сепак се носи во себе и со себе. 

Сопруг се бира со срце и со чувството во стомакот, кое никогаш не греши. Тој е вистинскиот. Тој те сака, а ти со него ќе бидеш сакана и среќна. Сѐ останато што доаѓа со него е добредојдено. Но, ако бираш по обратен редослед, а подоцна животот те демантира, па потоа стомакот почнува да ти дава сигнали, тој потоа ќе ти каже дека добро си се зафркнала!