Модерни куќи со необична архитектура привилегија на се' повеќе скопјани (ГАЛЕРИЈА)

Модерни, убави, со необична архитектура, стилски и убаво уредени куќи има и во Скопје. Тие не се реткост како некогаш и мечта во живо да се види таква убавина, која ја имаа само богатите луѓе во далечните земји во Европа или низ светот. Големите и модерни архитектонски зданија не се само домови на познатите ѕвезди од бившите балкански земји, туку се' повеќе се привилегија и на многумина наши истакнати дејци, писатели, пејачи, лекари, политичари, спортисти, музичари, новинари, архитекти, бизнисмени...

Ако некогаш во старо Скопје убавите куќи се броеле на прсти и биле привилегија на истакнати трговци и видни граѓани, сега тоа веќе не е така. Убавите домови дури и не се градат само во одредени населби, како што тоа беше порано. Освен на Водно, во Жданец, Трнодол, Црниче, сега убави куќи има и во Кисела Вода, Бутел, Радишани, Визбегово, Бардовци, Нерези, Ѓорче Петров, Хром и во пооддалеченото таканаречено Шпанско село. 

Интересно е и тоа што убавите и модерни градби не се секогаш копија на нешто веќе видено, туку уникатни архитектонски решенија, за чија изградба најнапред се земаат предвид желбите, потребите на сопственикот, неговиот карактер, навики и начин на живеење. Некој ужива во распространетоста на својот модерен дом, а други, пак, многу помалку имале заложби за куќен простор, но повеќе уживаат во уникатното хортикултурно уредување на својот двор.

За многумина базените се составен дел од задните и големи дворови. Заедничко за сите сопственици на модернистичките и новоизградени домови е тоа што речиси сите водат сметка за што поголема употреба на природни градежни материјали, за енергетската ефикасност на објектите, а на нивните покриви задолжително се гледаат сончеви колектори.

За уредувањето на дворовите ги ангажираат најдобрите хорти- експерти и фирми и тие површини се вистинска уметничка креација од бои, цвеќиња и разни видови растенија скроени во разни форми. Привилегија на се' повеќе богати граѓани е нивните модерни и раскошни домови да се градат што подалеку од централното градско подрачје, како што тоа е всушност и секаде во светот.

Плацевите на кои се наоѓаат ваквите индивидуални куќи се мал интимен рај само на оние кои можат да си го дозволат тоа. Многумина кои тоа го немаат воодушевувајќи се на таа надворешна убавина, би сакале само малку да ѕирнат во внатрешно уредениот простор на куќите кои се' повеќе прилегаат на шпански хациенди или на богатите зданија што некои ги виделе само во филмови.