Мобилната апликација за Kарпош ја освои Европската награда за млади

Мобилната апликација за Општина Карпош, „мЗаедница“ е добитник на Европската награда за млади за 2019 година (European Youth Award 2019), во категоријата „Активно граѓанство – дигитално решение со влијание врз општеството“.

Во период кога во Карпош е ограничена употребата на мобилни телефони во текот на наставата, пристигнува ова признание за мобилната апликација, што значи дека технологијата може да се користи за добро и  продуктивно.

„мЗаедница“ е достапна за IOS и Android уредите, при што граѓани на Карпош можат да пријавуваат проблеми, да преземаат иницијативи и да даваат свои предлози.

Оваа апликација овозможува директно вклучување на граѓаните во процесот на одлучување и ја олеснува комуникацијата со општинската администрација.

Граѓаните директно комуницираат со надлежниот сектор, задолженото лице, при што се овозможува правилно адресирање на проблемот и негово брзо решавање.

Оваа мобилна апликација е резултат на соработка меѓу Општина Карпош и Центарот за социјални иновации „БЛИНК 42 – 21“. Истата е продуцирана од страна на Зорица Велковска, Моника Јандревска, Кристијан Трајковски, Симон Стојановски и проектниот директор, Милан Танчески.

Административниот панел на мЗаедница го раководат и службеници на Карпош, од Одделението за односи со јавност, а пристап и можност за одговори имаат и сите сектори во Општината.

Европската награда за млади, за мЗаедница е потврда дека во нашата земја има млади и креативни луѓе чии успеси можат да бидат забележани и на меѓународно ниво.

Ова признание е дел од програмата на Европската Унија – „Европа за граѓаните“ и ги поддржува социјално вредните дигитални проекти кои се однесуваат на целите дефинирани од Советот на Европа, Европа 2020 и Платформата за знаење за одржлив развој на Обиденетите Нации.