МОБ на 27 септември ја стартува новата сезона 2017/2018

Првата балетска премиера во сезоната 2017/2018 ќе биде на 18 октомври, а првата премиера на Операта на 31 октомври, најави Македонската опера и балет.

Новата сезона МОБ ќе ја отвори на 27 септември со балетот „Клеопатра“ кој, според статистиката на МОБ, на репертоарот минатата сезона била најизведувана  и најпосетена претстава  со над 8.500 гледачи.

Првата премиера на МОБ наесен е закажана за 18 октомври и ќе биде балетски триптих. Првите два дела од триптихот, „Софа“ и „Некои срца“ се во кореографија на Ицик Галили од Израел на музика од Том Ватс и Филип Глас, а третата претстава е обнова на „Песна над песните“ (Лудница)  во кореографија на Сташа Зуровац и на музика на Маријан Нечак.

Првата оперска премиера во новата сезона на МОБ, пак, е најавена за 31 октомври кога ќе бидат изведени претставите едночинки „Кавелерија Рустикана“ на Пиетро Маскањи и „Паљачи“ од Руџеро Лоенкавало.

– До крајот на оваа календарска година на сцената на МОБ ќе бидат изведени балетските претстави „Дон Кихот“, „Дамата со камелии“, „Лебедово езеро“ и „Бурнонвил“, а од оперските претстави публиката ќе може да ги види „Тоска“, „Набуко“, „Травијата“, „Евгениј Онегин“ и „Лилјакот“. За изведбите од тековниот репертоар, МОБ ќе продолжи да кани имиња од светската оперска и балетска сцена, со цел доближување на квалитетот до публиката, соопшти МОБ.

Во 2018 година во план се три оперски премиери – обнова на „Кармен“ од Жорж Бизе, премиера на операта „Шение“ од Умберто Џордано и „Џани Скики“ од Џакомо Пучини.

Премиерно ќе бидат поставени балетите „Божествена комедија“ и „Ромео и Јулија“, а по повод 70 години од своето основање, Балетот на  МОБ ќе биде домаќин на  голема европска балетска конференција.

МОБ ќе продолжи и да го организира и детскиот викенд со изведба на детски оперски и балетски претстави. МОБ најави и дека ќе ја поддржи  алтернативната сцена со цел таа да се развие и да се создадат нови и квалитетни оперски гласови и балетски кореографи.

Македонската опера и балет ја заврши сезоната 2016/2017 минатиот месец со Моцартовиот „Реквием“. Потоа следуваа и гостувања на Балетот во Пловдив, Охрид и во Сплит. Во првото полугодие од 2017 година МОБ ја посетиле повеќе од 25.000 гледачи на 76 претстави.