МОБ ќе потпише меморандум за соработка со Националниот театар од Сараево

В. д. Директорот на Македонска опера и балет, Ќазим Асотиќ го посети Националниот Театар во Сараево и се сретна со  Маријела Хашимбеговиќ, уметничкиот директор на Операта Аида Чорбаџиќ и директорот на Филхармонијата во Сараево Самир Локванчиќ.

На средбата станало збор  за продлабочување на соработката помеѓу Македонската опера и балет и Националниот Театар во Сараево, како и за меѓусебни гостувања.

Остварена е работна и пријателска средба и со заменик градоначалникот на Сараево, Ивица Шариќ, инаку оперски солист (бас). Неговиот репертоар брои преку 50 басови улоги. Добитник е на шестоаприлската награда на градот Сараево во 1992 година, а во 2002 година ја добил наградата Владимир Ружјак,л за улогата Борис Годунов во истоимената опера од Мусоргски. Ивица Шариќ, неколкупати гостувал на сцената на Македонската опера и балет, а редовен гостин е и на фестивалот „Охридско лето“.

На средбата се разговарало и за продлабочување на културната соработка на билатерално ниво помеѓу двата града. За време на гостувањето на Националниот театар од Сараево на овогодинешните Мајски оперски вечери предвидена е прес конфернција, на која ќе биде потпишан меморандум за соработка помеѓу двете национални установи.