МНТ се подготвува за спектаклот „Мајсторот и Маргарита“

Приказната од вонсерискиот и вонвременски роман на Булгаков со својата повеќеслојност и моќ, според тимот од МНТ, ќе претставува уште едно извонредно уживање за театарските сладокусци.Долгоочекуваната средба со "Мајсторот и Маргарита" што по романот на Михаил Булгаков ја работи режисерот Иван Поповски, нашето европски признато име, својата премиера ќе ја доживее на 1. декември. Ова, на прес-конференција "како дефиниран датум" го соопшти директорот на Македонскиот народен театар Дејан Пројковски.

- Имаме уште една од неколкуте претстави што по своето значење го одбележуваат нашиот театар и што ќе значи влегување во една нова фаза на уметнички развој што е всушност знак на една етаблирана национална куќа, додаде Пројковски.

Режисерот Ивановски кој по многу "преговори и наговори' за кои како "виновници" ги посочи Пројковски и доскорешниот директор на МНТ Дејан Лилиќ за неговото доаѓање во Македонија по деценија и пол, рече дека и покрај техничките можности за создавање импресивни слики, во неговата приказна -претстава централното место го има Актерот... Бидејќи театарот е тимска работа и вонвременскиот и вонсериски роман на Булгаков има многу ликови, така и во оваа најнова сценска приказна на МНТ учествуваат педесетина актери од сите генерации.

На "чело" на оваа плејада е Дејан Лилиќ како Мајсторот, заедно со "неговата" љубена Маргарита, алијас Драгана Костадиновска. Олицетворението на злото Воланд е Никола Ристановски. Неговиот антипод или претставник на Доброто е Стефан Вуисиќ како Јешуа Ха-Ноцри, Леви Матеј е Александар Ѓорѓиоски, Контипилат му е доверен на Јордан Симонов, Бездомни го игра Сашко Коцев, Коровљев е Оливер Митковски, мачорот Бегемот е Петар Мирчевски, а Азазело е Ѓорѓи Јолевски. Сите набројани заедно со останатите од педесетчлената "театарска експедиција" го чинат треатарското сиже на приказната за љубовта, слободата, метафизичката игра со злото, борбата на единката соопштеството... Оваа приказна од светскиот маг Булгаков за театарските сладокусци ќе трае околу 4 часови и од нашата национална куќа очекуваат да биде уживање за публиката, иако, во име на "преголемите очекувања", речиси сите од екипата беа повеќе или помалку "таинствени" околу конкретната содржина на тоа што ќе го видиме на 1. декември. Тоа се надеваме ќе биде уште еден дополнителен предиузвик за оваа долгоочекувана и најавувана премиера