МНТ одликуван со Орден за заслуги за Македонија

Претседателот Иванов, денеска го додели признанието „Орден за заслуги за Македонија“ на Македонскиот народен театар.

„Денеска сме собрани поради Македонскиот народен театар, кој не е обичен театар.Симболично, завесата на Македонскиот народен театар беше подигната во самите мугри на македонската државност, со одлуката на Президиумот на АСНОМ.Од тогаш до денес, веќе 70 години, на сцената на овој театар се одигрува животот на цел еден народ. Доволно е да се сетиме на луѓето кои ги оживеаја македонскиот збор и македонската приказна на театарската сцена. Да се сетиме на Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски, Војдан Чернодрински, но, и на Блаже Конески, првиот лектор и драматург на Македонскиот народен театар.Со нивните драми, тие ни ја вратија довербата во сопствениот македонски јазик и ги оспособија идните генерации да достигнуваат нови дострели во македонската драмска уметност“ рече македонскиот претседател во своето обраќање.