Во последниве години се прават слави со голем број гости, богата трпеза и музика, а тоа секако не е дел од првобитните обичаи.

Модерното време донесе и нови модели на однесување, па неретко некои домаќини одлучуваат да слават во кафеана, апричините се главно од практична природа, пред се за да може да поканат повеќе гости.

Но, доколку саката славата да ја прославите според правилата доволно е да повикате свештеник пред славата да освети вода, потоа да замесите славски колач, да сварите пченица и сето тоа заедно со виното и свеќа рано наутро да го однесете во црква на денот на славата.

– Пченицата се подготвува во спомен на роднините кои славеле и ни ја пренеле славата, колачот за здравје на семејството, а виното е симбол на телото и крвта Исусова. Денот пред славата треба да се посетат гробовите на претците, а на денот на славата треба да се донесе колачот, виното, пченицата и да се биде присутен на молитвата и литургијата и тој ден да му се посветиме на Бога, велат свештениците.

Од друга страна некои домаќини повикуваат свештеник во својот дом, што исто така не е според „протоколот“, но тој обичај датира од времето кога малкумина славеле куќни слави, па поради страв не излегувале од домот и не оделе во црква, туку свештениците ги посетувале домовите. Денес има свештеници кои „на повик“ одат кај домаќините, но попрактично, а и правилно е на тој ден оние кои слават обавезно да ја посетат црквата.

Славата не е храна и пијалок. Најважната работа не е во храната и пиењето туку во подготовката на пченица и колач и да се дојде во црква и да се собере семејството. Куќата на тој ден треба да биде отворена за сите гости кои задолжително се послужуваат со пченица, а што се однесува до гозбата тоа зависи од домаќините. Послужувањето на гостите на слава датира од дамнина кога гостите доаѓале од далечни места, па домаќинот секако морал да ја постави трпезата.

На славата не е потребна музика туку мирно собирање на најблиските со скромно послужување или според можностите на домаќинот. Што се однесува до подароците, нема правила, некогаш на домаќините им се носел шеќер, сол, зејтин, а денеска тоа главно се вино или кафе.