Младите во Скопје не сакаат да работат како келнери

Во главниот град постојано има отворени огласи за работа, каде се бараат келнери или шанкери.

Младите од Скопје не сакаат или пак се срамат за да ја работат оваа работа, но затоа студентите кои доаѓаат од другите градови, се одлучуваат за тоа, со цел да земат некој денар за преживување на студентските денови.

Условите за работа како келнер не се големи, се бара само единствено завршено средно образование, и предност секако ќе имаш ако знаеш англиски јазик. Платата најчесто е 12.000 денари, а бакшишот од гостите е плус.

За младите од другите градови оваа професија не е срамна, а истата би ја работеле и во својот роден крај, но таму има сепак многу помал број на угостителски објекти, а со тоа и шансите за работа се многу помали.

Сопственик на еден локал во Скопје, вели дека веќе една година му е отворен огласот за работа. Се пријавуваат мал број на луѓе, а тоа најчесто се студенти од другите градови. За нив е прифатлива платата од 200 евра, вели тој, но студент како студент, не секој ја сфаќа сериозно својата работа.

-Јас работам како келнер. Доаѓам од Берово. Сега сум апсолвент на првниот факултет, а веќе 3 години работам како келнер. Не ми е многу напорно. Работам по 8 часа на ден. Таму имам  јадење и пиење, па и тоа ми помага за лесно да го поминам студентскиот живот. Постојано имаш бакшиш од гостите, па така и можеш да дојдеш до некоја солидна сума на пари, вели Петар.

Тој вели дека не се срами од оваа професија, бидејќи се што се работи легално, не е срамно. Бараш само егзистенција.

-Во локалот каде што работам, постојано бараат работници. Постојано се менуваат. Во Скопје никој не ја сфаќа сериозно оваа професија, за разлика од другите градови. Верувам дека во Берово сите млади кои немаат работа би работеле тоа, само таму нема каде, додава Петар.