Младите пијат седативи на своја рака

Младите ги решаваат своите проблеми со употребата на седативи и со усвојување лоши навики од возрасните, како пушење цигари. Седативите и цигарите се најголемите пороци за македонските тинејџери на возраст од 15 и од 16 години. Покрај тоа што си го уништуваат здравјето со цигари, повеќето од нив пијат апчиња за смирување, кои не се препорачани од лекар.

 За разлика од нашите тинејџери, оние од Европа се љубители на алкохол и на дрога.

Ова го покажа истражувањето што го спроведе Европскиот надзорен центар за дроги и зависности од дроги.

Истражувањето било спроведено во 35 земји низ Европа минатата година, врз 96.043 ученици на возраст од 15 и од 16 години, за да се добијат податоци за користењето алкохол и дрога кај средношколците. Според добиените резултати, 24 проценти од средношколците во земјава пушат. Колку за споредба, европскиот просек изнесува 21 процент. И покрај тоа што пушат повеќе од своите врсници низ Европа, македонските средношколци пијат помалку алкохол од нив, или изразено во бројки, просекот за европските адолесценти изнесува 48 проценти, додека за македонските 38 отсто. Дури 11 отсто од адолесцентите пијат седативи што не им биле пропишани од лекар, а европскиот просек е шест проценти, што значи дека нашите средношколци, двапати повеќе користат средства за смирување од средношколците во Европа. Според истражувачите, седативите се најчеста замена за дрогата, посебно кога ги мешаат заедно со алкохол.

Дрогата, пак, средношколците во Македонија ја употребуваат многу помалку од средношколците во Европа. Пет проценти од прва и од втора година во средно училишта пробале канабис, за разлика од европските земји, каде што тој процент изнесува 16 отсто. Близу е процентот на средношколци што пробале други дроги. Македонскиот изнесува четири, а европскиот пет проценти. Според истражувањето, со исклучок на употребата на средствата за смирување без лекарски рецепт, генералниот впечаток е дека нивото на употребата на различни супстанции се близу или под просекот на ЕСПАД.

Од Институт за јавно здравје објаснуваат дека истражувањето било правено во 82 средни училишта во 31 населено место, во 220 одделенија и биле анкетирани 4.739 ученици. Резултатите покажале и дека опаѓа користењето на цигарите и на алкохолот, но загрижува смирувањето со седативи. Со нив повеќе се смируваат девојчињата.

– Висок е процентот на користење седативи и тоа загрижува – велат од ИЈЗ.

А иако е намален процентот на пушачи, лекарите нагласуваат дека никако не треба да бидеме задоволни.
– Намалувањето на пушењето најверојатно се должи на зголемување на свесноста на младите за штетноста.

Иако постојат информации колку се штетни и цигарите и алкохолот и дрогите, тие мора да се интензивираат, зашто преку Интернет на младите им се достапни информации што секогаш не се точни. Тие информации може да влијаат на тоа како ќе се однесуваат во иднина – велат од ИЈЗ.
Иако некои проценти, кога станува збор за пороците на младите, се намалени, докторите, психолозите и социјалните работници се едногласни дека во никој случај не треба да бидеме задоволни. Тие велат дека пороците не смеат да се гледаат само низ проценти, туку и преку причините за нив. Работите ќе бидат уште полоши ако не се преземат итни мерки за менување на лошите навики.